За Заев руското влијание се чувствува, за Попоски тоа е легитимно
Доколку ЕУ и САД не преземат соодветна акција, влијанието на Русија во Македонија ќе се зајакнува, вели лидерот на СДСМ, Зоран Заев во изјава за Јуроњуз.
„Влијанието на Русија веќе се чувствува, преку зголемено присуство на лица и преку изјавите од руското Министерство за надворешни работи, како и преку активностите на нивната амбасада во земјата. Меѓу граѓаните е видлив трендот на опаѓање на поддршката за ЕУ и НАТО. Процентот на намалување на поддршката е мал, но сепак видлив“ - изјави Заев за Јуроњуз.
Заев смета дека рускиот интерес во Македонија се засилил веднаш по изборите.
Тој додава дека ако не се преземат дополнителни мерки во однос на малиот интерес на ЕУ и на САД во регионот, Руската Федерација ќе има повеќе простор за да ги наметне своите интереси.
Македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски е со спротивен став. Тој ги отфрла тврдењата за руското влијание во Македонија.
„Легитимно е Русија да има свој интерес. Но ова може да се каже и за секоја од земјите членки на ЕУ. Тоа е нешто невообичаено за нашиот регион, или да кажеме за земја кандидат или потенцијален кандидат од балканските држави“- вели Попоски за Јуроњуз.
Руското МНР во неколку наврати се огласи за состојбите во Македонија.Шефот на дипломатијата Сергеј Лавров и неговото министерство отворено застанаа на страната на македонскиот претседател, Ѓорге Иванов и ВМРО-ДПМНЕ, критикувајќи ги СДСМ и партиите на Албанците дека работат на федерализација на државата.
Сепак, Русија будно ги следи и состојбите во соседна Србија.
