„За заедничка Македонија“ тврди дека изборот на Џафери е надвор од сите процедури
Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ денеска наместо протестен марш организираше панел дискусија за насилствата во Собранието на Република Македонија од 27 април годинава.
На панел дискусијата говореа Богдан Илиевски од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, професорите Иванка Додовска и Александар Даштевски. На 69-от ден наместо протести, тие организираа панел дискусија.
„Денешната средба, односно 69 ден од почетокот на протестните маршеви на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ ја замисливме да биде секција на сите случувањата од Собранието, кои може да ги толкуваме и како директна провокација за оние највжештени глави од народот пред Собрание да го иницираат оној чин што се случи на 27 април“ - вели Илиевски.
Тој додава дека состојбата ескалираше со т.н. избор на претседател на Собранието, избор којшто според него е надвор од сите процедури, кој се коси на Уставот, Законот за Собрание, со Деловникот за работа.
Додовска смета дека претседателот Ѓорѓе Иванов покажа стратешка мудрост, која Република Македонија ја издигна на едно завидно ниво.
Рече дека на 27 април во Парламентот се случила најголемата државна навреда која може да му се случи на еден народ и една држава, а тоа е пеењето на албанската национална химна во срцето на Македонија.
Смета дека дел од граѓаните изгубија контрола над себе, и лично решија лично да се пресметаат со овие злосторници. За Додовска Талат Џафери е обичен пратеник и ништо повеќе.
Додовска нагласи дека ја сака Македонија цела, сака мир, просперитет, мирен и пристоен живот, а решението е да се стои црврсто на нозе, правна битка и да не се дозволуваат преседани.
Професорот Даштевски потенцира дека се работи за сценарио кое трае интензивно три години.
Вели дека изборот на Џафери е нелегален затоа што меѓу другото е прекршен и политичкиот систем.
По насилствата на 27 април, имаше реакции од партии и поединци кои бараа и организаторите на протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“ да понесат одговорност за она што се случи. Самка Ибраимовски од ПЦЕР побара и нивно апсење.
