За ВМРО-ДПМНЕ поважна е трагедијата во Тетово отколку „недела неработен ден“
По притисоците од власта над опозицијата за побрзо поминување на законот за недела неработен ден преку собраниската комисија за труд и социјална политика, се огласија од ВМРО-ДПМНЕ кои велат дека СДСМ е тој кој го кочи процесот бидејќи во истото тело не сакаат да се дискутира за несреќата со модуларната болница во Тетово на 8 септември, кога изгореа 14 лица.
За ВМРО-ДПМНЕ, враќање во јавноста на теми како неработен ден недела „е се со цел јавноста да не дознае дека СДСМ сакаше да го угуши секој еден глас за несреќата во Тетово“.
„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ достави барање за дополнување на дневен ред за расправа на комисијата за труд и социјална работа со барање за доставување на информации околу несреќата во Тетово. Претседателот на комисијата иако го стави на дневен ред ова барање, СДСМ гласаше против, со што не прифати да се зборува за несреќата во Тетово.
Пратеничката група на СДСМ постапи исто како Зоран Заев за кого несреќата е банална. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ откако ги исцрпи сите претходни механизми достави барање за формирање на анкетна комисија за случајот во Тетово“, се вели во реакцијата.
Премиерот Зоран Заев вчера ја повика опозицијата да не го кочи работењето во комисијата за труд и социјална политика во Собранието при донесувањето на ова законско решение кое треба да започне од 1 октомври.
