За ВМРО-ДПМНЕ апсењето на учесниците во инцидентот во Собрание било хајка
ВМРО-ДПМНЕ денеска приведувањата на дел од лицата што учествуваа во инцидентот во Собранието ги оцени како обид за заплашување и хајка.
Од партијата велат дека тоа се недолжни граѓани чиј единствен грев било што си ја бранеле државата и се противеле на Тиранската платформа.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев тврди дека врз нив се вршел прогон без никаква основа.
„Одговорност има и министерот за внатрешни работи Агим Нухиу кој не смее да врши притисок врз вработените спротивно на процедурите и законот да малтретираат и приведуваат луѓе, недолжни граѓани, бидејќи секој, па и службено лице кое го крши законот одговора за своите постапки“- вели пратеникот.
Данев објаснува дека очекувале наместо институциите да ги прогонувале граѓаните да реагирале, на како што рече, кршењето на највисоките правни и државни акти од СДСМ.
Тој побара институциите да бидат свесни дека тоа што одредени граѓани, како што рече, влегле во Собранието револтирани од нелегалниот обид за избор на претседател на Собранието и од антидржавните провокациите што ги правеле СДСМ, не можело да биде оквалификувано како кривично дело.
