За Весна Јаневска нема услови за бесплатно високо образование
Министерката за образование Весна Јаневска изјави дека во моментов не постојат услови за позитивен одговор на барањата за бесплатно високо образование.
Таа денес на медиумско прашање одговори дека станува збор за сериозна финансиска и системска тема која не може да се решава без стабилна основа.
„Да работеше повеќе минатата власт, ќе можеше да дискутираме и на таа тема. Кога ќе дојде време и кога оваа држава ќе може тоа да го издржи, ќе дискутираме и на таа тема“, изјави Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање за можноста државата да воведе целосно бесплатно високо образование.
Таа нагласи дека Владата во моментов е фокусирана на стабилизирање и унапредување на образовниот систем, подобрување на условите во образовните институции и обезбедување одржливи решенија, а не на популистички мерки кои би можеле да го оптоварат буџетот.
Изјавата доаѓа во период кога дел од студентските организации повторно ја актуелизираат темата за бесплатно студирање, барајќи системско решение и поголема државна поддршка за младите.
