За Тимоние состојбата во Македонија е како изгребана плоча
Францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние денеска во Битола изјави дека очекува што поскоро да се реши политичката ситуација во Македонија и ја опиша дека таа личи на изгребана плоча.
„Политичката состојба во Македонија во моментов наликува на изгребана плоча и не сакам да додадам уште една изгребана плочка на тоа што веќе е. Посакувам што побрзо да се излезе од оваа состојба затоа што македонскиот граѓанин сака да види излез од оваа ситуација бидејќи светот не чека“ - изјави Тимоние.
Амбасадорот Тимоние, кој во Битола се обрати на форумот „Европските перспективи за локалната самоуправа“, кажа дека Француската амбасада има тесна соработка со Секретаријатот за европски прашања и дека Франција назначила технички експерт кој работи во рамките на СЕП за да помогне за што поголема искористеност и пристап до ЕУ-фондовите.
Вели дека за тоа е потребна влада што ќе ја спроведува потребната динамика, а административната празнина што постои во моментов, не помага во работата.
