За СПЦ сме „неиспилени Северномакедонци“?
Српската православна црква му се противи на вселенскиот патријарх Вартоломеј, особено по последната одлука на Архиерејскиот собор на Вселенската патријаршија да може да дава афтокефалност на цркви без согласност на другите помесни цркви што пак ја прави сосема извесна можноста Македонската православна црква –Охридска архиепископија набрзо рамноправно да се вброи во православната екумена, без притоа да тропа на вратата на Српската или на било која друга сестринска црква.
Вселенскиот патријарх Вартоломеј вчера преку православниот сајт Ортодоксиа. Инфо, потсети дека Вселенската патријаршија е таа која ја носи одговорноста, но е и единствена која ја има привилегијата, да ги поставува работите во православниот свет во црковен и во вообичаен поредок зашто во спротивно.
„Ако не го прави тоа, локалните цркви ќе одат како овци без пастир“- напиша Вартоломеј.
И ако, поединци се исчудуваа од каде потребата за повторно објаснување на соборската одлука од страна на најврвниот во православието, сега веќе не е тешко да се заклучи дека тоа барем дел ,се должи на писмото што до него го испратил поглаварот на Српската православна црква Иринеј а кое пред два дена го објави религиозниот грчки сајт Ромфеа.
Во писмото како што пренесува пак, македонскиот сајт Религија.мк кое инаку е пишувано на старогрчки јазик кој поглаварот на СПЦ не го знаел, ама го знаел Бачкиот митрополит Иринеј Буловиќ кој веројатно е и вистинскиот автор, со многу погрдни зборови, говор на омраза и недоличности, Македонците се наречени неиспилени Северномакедонци, а Македонија измислена државичка.
Македонците, македонскиот јазик и држава како и МПЦ, пишува во писмото потпишано од поглаварот на СПЦ, Иринеј, биле измислица на Комунистичка Југославија и на Тито.
Како МПЦ, според Иринеј, биле прогласени во тоа време јужните српски црковни епархии, кои на СПЦ и ги отстапила Цариградската патријаршија со Томосот од 1922 година.
