За што разговараше Заев со новата пратеничка група?
Премиерот Зоран Заев вели дека за најголем дел од уставните амандмани на новата пратеничка група составена од осумте пратеници кои гласаа за уставни измени, ќе се постигне согласност.
Тој со нив имаше средба во Собранието. Пратеникот Зекир Рамчиловиќ исто така потврди дека за голем дел од амандманите на пратеничката група чиј член е тој ќе бидат усогласени со Владата. Вели дека и натаму ќе има кординација меѓу самите пратеници во оваа група која ќе делува независно од ВМРО-ДПМНЕ, но ќе се обиде да учествува во придвижувањето на демократските процеси во Собранието. Овие пратеници ќе делуваат под името Независна пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија. На средбата со Заев присутни беа сите осум пратеници и не ја исклучуваат можноста дека бројот на пратеници во оваа група може и да расте.
На средбата присутни беа и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, министерката за правда, Рената Дескоска и собранискиот претседател, Талат Џафери.
Овие осум пратеници дадоа поддршка, но со услов нивните амандмани да бидат прифатени. По гласањето се правдаа дека гласале по сопствено убедување и дека сакале да му дадат шанса на процесот.
