За што претходно е гонет Жарко Грозданоски?
Во 2012 година тетовскиот Основен суд постапувал по обвинение против Жарко Грозаноски за кривичното дело оштетување туѓи предмети, навреда и загрозување на сигурноста. Во решението од тетовскиот суд наведено е дека обвинетиот Грозданоски на тужителот треба да му исплати износ од 23.000 денари на име штета и трошоци во постапката.
„Тужителот преку неговиот полномошник остана при барањето од 27.8.2012 година со тоа што во делот на плаќањето на штета за шофершајбната истиот се согласил да истата биде упола така што заедно со трошоците на постапката побара износ од 23.000 денари и ова го прави во знак на помирување со обвинетиот бидејки се соселани и во иднина да нема вакви недоразбирања со кој предлог се согласи и обвинетиот со тоа што побара од судот да му се даде рок за плаќање на овој износ на трошоци и штета“, се вели во решението од судот.
Поради тоа, тужителот ја повлекол приватната кривична тужба против обвинетиот и не побарал други трошоци.
За лидерот на организацијата Христијанско братство, Жарко Грозданоски, кој вчера е уапсен како осомничен за убиство на 76-годишен охриѓанец, има обвинение и за друго дело, дознава „360 степени“.
За Грозданоски полицијата веќе информираше дека се гони за загрозување на сигурноста преку компјутерски систем, поради закани кон поранешниот премиер Зоран Заев.
Во врска со вчерашното убиство на 76-годишниот охриѓанец, локалниот медиум „Охридскај“ објави детали за случајот. Се наведува дека убиениот е Климе Митревски, сопственик на угостителскиот објект „Климентов конак”, а причината била имот вреден над еден милион евра во старото охридско градско јадро.
Според медиумот, Грозданоски и Митревски претходно склучиле договор за доживотна издршка, со кој Грозданоски се обврзал да го чува и негува Митревски во замена за наследство.
Во периодот пред да се смени името, тој беше актуелен и постојано се вклучуваше во живо на социјалните мрежи, но и одеше на протести каде упати и радикални пораки.
