Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЗА САМО НЕКОЛКУ ЧАСА - се потрошија сите 2.000 дози од вакцините кои чинеа по 800 денари

ЗА САМО НЕКОЛКУ ЧАСА - се потрошија сите 2.000 дози од вакцините кои чинеа по 800 денари

Додека во шесте пункта на Здравствен дом денеска почна вакцинацијата со бесплатните вакцини против сезонски грип кои се за ранливите категории граѓани, во Центарот за јавно здравје стартуваше имунизацијата со вакцините кои се наменети за останатите категории граѓани, кои ќе се плаќаат и кои ќе чинат 800 денари.
И токму вакцините кои не се бесплатни, се потрошија за само неколку часа денеска откако стартуваше вакцинацијата. Односно, веќе до 11 часот беа потрошени сите 2.000 дози од вакцините кои чинат по 800 денари. 
Оваа вест за Фактор ја потврди и доктор Александар Стојанов од Центарот за јавно здравје.
„Точно е дека се потрошија првите 2.000 дози од вакцините кои ние ги набавивме на нашиот тендер и кои чинат по 800 денари. Додека, пак, другите 2.000 дози од нашиот тендер треба да стигнат за околу две недели“, вели д-р. Стојанов. 
Така што, се очекува вакцинацијата да почне по околу 2.000 недели.
Инаку, овие вакцини се однесуваат само за Скопје, бидејќи се набавени преку Центарот за јавно здравје на град Скопје.
Но, она што го забележал доктор Стојанов, е дека 80 отсто од овие 2.000 дози, повторно ги потрошиле граѓаните од оние категории кои се опфатени со бесплатното вакцинурање. 
„Според мене, причината е што термините за бесплатните вакцини за цела оваа недела се пополнети кај матичните лекари. Од тие причини граѓаните, веројатно не сакајќи да закажуваат и да чекаат, дојдоа овде и ја искористија оваа вакцина, и затоа сите 2.000 дози се потрошија до 11 часот“, вели за Фактор д-р. Стојанов.
Министерството за здравство, пак, информира дека од денеска започнува вакцинацијата против сезонски грип. Граѓаните можат да закажат термини за бесплатно вакцинирање преку својот матичен лекар.

Денеска вакцинација започнува во здравствените домови во Скопје, Велес, Неготино и општата болница во Кавадарци; утре во здравствените домови во Teтово, Гостивар, Кичево, Охрид, Струга, Вевчани, Македонски Брод и Ростуше и Општа болница со проширена дејност Дебар; во четврток во здравствените домови во Битола, Прилеп, Крушево, Ресен, Демир Хисар, Свети Николе, Радовиш, Струмица, Штип и Валандово и во Општа болница со проширена дејност Гевгелија, додека во петок во здравствените домови во Куманово, Кратово, Крива Паланка, Берово, Делчево, Виница, Пробиштип, Пехчево и Кочани.

Оваа година, за бесплатно вакцинирање се набавени 40.000 дози вакцини против сезонски грип, 12.000 повеќе споредено со минатата сезона.

Министерот за здравство Доц. д-р. Венко Филипче денеска во изјава за медиумите потенцираше дека ова е веќе трета година по ред како се обезбедува соодветна количина за неколку категории на граѓани и тоа, лица над 65 години, лица со хронични заболувања, бремени жени, здравствени работници и деца до 5 години.

Центрите за јавно здравје од сопствениот буџет набавуваат вакцини за комерцијална употреба, кои исто така веќе од денеска се достапни за граѓаните.

Секоја година интересот за вакцинирање против сезонски грип е сѐ поголем, особено кај хронично болните и постарите лица кои поради позитивното искуство од претходните години, редовно се вакцинираат. Министерството за здравство потсетува дека најефективниот начин за спречување на болеста и нејзините тешки форми е имунизацијата, особено во период кога се соочуваме со пандемијата со коронавирусот.
А.Б - Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести