ЗА ПУСТИ ПАРИ НИ ГИ УБИВТЕ ДЕЧИЊАТА: Родителите на загинатите од Кочани на нов „Марш на Ангелите“
За тие пусти пари проклети, ни ги убивте дечињата. Господ е голем, тој ќе пресуди за вас, ситни души, дали ќе одите во пеколот, рече едниот од родителите на загинатите од пожарот во кочанската дискотека Пулс.
„Сакаме да го прашаме градоначалникот, каде беше минатиот пат, зошто го нема и денес. Па господине градоначалниче, немојте да се плашите од нас, ние не сме убијци, како овие што седат во удобните фотелји. Тие ни ги убија нашите деца. Тие се платени од нашиот грб. Тие немаат ниту малку почит кон нас, а камо ли да имаат жал“, рече родителот на Маршот на ангелите.
Тој кажа дека за четири месеци, политичарите не им се придружиле на ниту еден марш. Порачаа до СДСМ и до ВМРО-ДПМНЕ да ги остават на мира, а не од нив да прават маркетинг.
„Она што ни беше најдраго, вие ни го убивте. Седете си мирно и оставете не на мира, ако не сакате да ни помогнете, не ни одмагајте“, рече родителот.
