За првпат во Македонија и регионот: Изведена операција со 3Д отпечатен имплант за нос
Уште еден доказ дека медицината во Македонија ги следи светските трендови. Околу 4 месеци траела процедурата за реконструкција на нос со 3Д печатен имплант кај пациент кој го загубил носот поради малигна болест.
Последниот случај со успешно изведена операција со 3Д отпечатен имплант за нос е уште еден доказ дека квалитетот на живот значително може да се подобри кога ќе се спојат медицината и современите технологии.
Од компанијата 3DLoom на нивните страници на социјалните мрежи информираат како се одвивал целиот процес за изработка на првиот 3Д имплант за реконструкција на нос – процедура која за првпат е изведена во Македонија, а можеби и во светот.
Велат дека целиот процес бил голем предизвик, затоа што со професорката Софија Пејкова од Универзитетската клиника за пластична хирургија се впуштиле во нешто целосно непознато. Имено, требало да се креира имплант за пациент кај кој поради малиген тумор на кожата било потребно да се отстрани целиот нос со сите ‘рскавични структури.
„Велиме дека тоа беше непознато за нас затоа што, според нашите сознанија, никаде во светот досега не е опишано решение за креирање на ваков имплант кој би бил обложен со кожа, а притоа да биде целосно персонализиран за конкретниот пациент.
Познати се многу опции за реконструкција на носот – со протези или со користење на постоечки ткива кај пациентот. Понекогаш се користи ’рскавица од уво или ребро, па се моделира за да се добие соодветна форма.
Но, искрено и реално, резултатите од овие процедури често се, во најмала рака, незадоволителни – и од естетски и од функционален аспект.
Исто така, обично се потребни повеќе интервенции во животот за да се добие задоволителниот изглед. Уникатноста во овој пристап е во комбинацијата на користење на forehead flap со персонализиран имплант изработен со помош на 3Д печатење. Ваков пристап досега не е објавен во научната литература, па затоа веруваме дека може да е прв во светот“ – велат оттаму.
Имплантот е изрботен од полиметилметакрилат, односно таканаречен коскен цемент. Станува збор за материјал, којшто со децении се користи во медицината токму поради својата биокомпатибилност и механички својства.
„Сепак, постоеше значаен технички предизвик: материјалот првично е во течна состојба, а потоа се стврднува и добива цврстина слична на човечката коска. Тој не може директно да се користи во 3D принтер“ – појаснуваат од компанијата.
По изработка на повеќе калапи кои не биле соодветни, по модификација на пристапите, материјалите, формите и геометријата, конечниот имплант за нос бил изработен во јануари 2026 година, или околу 4 месеци откако започнала процедурата за негова изработка.
„На 9 февруари 2026 година беше изведена операцијата. Професор Софија Пејкова изработи forehead flap – односно зема дел од кожата од челото на пациентот. Имплантот кој беше поставен кај пациентот беше обложен со кожа однатре со автотрансплантат, а потоа беше обвиткан со овој кожен флап од челото. По неговото фиксирање и шиење, веднаш се доби форма на носот.
Резултатите беа одлични уште во раната фаза. Сепак, за да се постигне целосен ефект, беше потребно да се почека околу четири недели за флапот да воспостави сопствено крвоснабдување од околното ткиво. По тој период се изведе втора интервенција, на 9 март, при што беше отсечена кожната петелка преку која флапот првично беше поврзан со челото.
Со големо задоволство можеме да кажеме дека операцијата помина успешно и дека резултатите се одлични. Но она што навистина го прави ова неколкумесечно патување вредно е нешто што можеби звучи како клише, но воопшто не е – задоволството на самиот пациент. Тој изрази големо задоволство од исходот и самиот кажа дека сè што е вградено го чувствува како свое, а не како страно тело“ – информираат од компанијата.
Операцијата била изведена од тим составен од Проф. Софија Пејкова, Асс. Д-р Катерина Јовановска, Асс.д-р Стефаниа Азманова Младеновска, Д-р Софија Тушева, д-р. Анда Касапи, д-р Муамет Мемети, д-р Немања Ранковиќ, д-р Глорија Ѓоргова и д-р Стефан Арсенков.
РЖМ / Б. С. Б.Фото: Фејсбук
