Економија, финансии, бизнис

Контакт

За прочистувачи на воздух за домаќинствата царина од 15 отсто - фирмите револтирани

За прочистувачи на воздух за домаќинствата царина од 15 отсто - фирмите револтирани

Компании кои увезуваат прочистувачи на воздух реагираат дека Царинската управа ги оптоварува со царинска тарифа од 15 отсто. 

Од Царината, пак, објаснуваат дека царинските тарифи во земјава не се сменети од 2004 година, а дека на прочистувачите на воздух кои се наменети за индустриска употреба, како и на оние што се увезени од поголем број на држави, воопшто не се плаќа царина, односно царинската стапка е нула отсто. Царина од 15 проценти, пак, се плаќа на пречистувачи кои се за домашна употреба, како и на оние кои се увезуваат од одредени држави.

Во Законот за царинска тарифа и во номенклатурата на царинската тарифа, постојат две тарифни ознаки за прочистувачи на воздух. 

„Една тарифна ознака се однесува се прочистувачи за воздух што се наменети за индустриски објекти, училишта, канцеларии, спортски објекти, трговски центри и за нив царинската стапка изнесува 0 отсто. Втората тарифна ознака се однесува на прочистувачи за воздух што се наменети за домашна употреба и за нив царинската стапка изнесува 15 отсто. Доколку овие прочистувачи се увезуваат од ЕУ, Турција, ЦЕФТА или ЕФТА и се со преференцијално потекло, и за нив царинската стапка изнесува нула отсто. Останува само мала група на производи од Кина“, велат од Царинската управа.

Оттаму нагласуваат дека основен критериум за разлика помеѓу индустриски прочистувачи и оние што се за домаќинство - е масата на прочистувачот. Тоа е наведено во забелешката 4 од Глава 85 од Законот за царинска тарифа, што предвидува дека доколку масата е до 20 килограми, тие да се сметаат како прочистувачи за домаќинство.

„Во секој случај, 90 отсто од компаниите што ги увезуваат овие производи не плаќаат царина, бидејќи или прочистувачите се за индустриска намена, или се увезуваат како прочистувачи за домаќинство од земјите на ЕУ, Турција или ЕФТА (Швајцарија) и не плаќаат царина“, објаснуваат од Царинската управа.

На нашето прашање дали и какви реакции има од компаниите што го увезуваат тој производ, од Царинската управа велат дека во соработка со Советодавното тело, ги информираат компаниите за правилна примена на Законот за царинска тарифа и праволно почитување на одредбите на Законот за царинска тарифа, како и препораките на Светската царинска организација.

Но, редакцијата на Фактор дојде до документ, односно до записник од Комисија формирана од Царинската управа, со која на една компанија и се одбива приговорот, со образложение дека пречистувачите кои се увезле биле за домашна употреба, и за нив требало да се плати царина по тарифа од 15 проценти.

Комисијата навела дека приговорот го одбила врз основа на увидот во увозната декларација, фактурата, мислењето од Комитетот на Хармонизиран систем на Светска царинска организација, како и од пребарувањето по интернет по тип и модел на пречистувачите. Односно, Комисијата констатирала дека станува збор за мобилен, лесно пренослив пречистувач, кој има примена во домаќинствата и канцелариите.

Според информациите, и друга компанија увозник на прочистувачи е незадоволна од одлука на Царинската управа, а се подготвува дури и тужба околу царинската тарифа која им е наметната.

Од Царината нема прецизни податоци колку прочистувачи се увезуваат во последниве години.

Во услови на екстремно високо загадување во земјава, кое и оваа година станува се поалармантно, прочистувачите на воздух се се побаран производ, особено од домаќинствата, пред се оние со мали деца, но и хронично болни лица, за кои е многу значаен чистиот воздух. Затоа и се реагира што за овие производи постои висока царинска тарифа од 15 отсто.


( Н.Н.Ф.)

Слично

Поврзани вести