ЗА ПОМАЛКУ ОД ДВА ДЕНА: Заев од прием кај кралицата Елизабета Втора до расправија со баба Перса во Волково
За помалку од два дена премиерот Зоран Заев доживеа неверојатна авантура на две спротивставени ситуации по приемот во Бакингамската плата кај нејзиното височество Елизабета Втора за потоа да се обидува пред медиумите да најде заеднички јазик со баба Перса од Волково.
Иако Македонија формално се уште не е членка на НАТО, Заев беше еден од лидерите на 30-те земји членки на Алијансата во Лондон на приемот во Бакингамската палата во вторникот вечер пред состанокот на Самитот на Алијансата во Лондон во средата.
Вчера веднаш штом Заев стапна на македонско тло отиде во приградската скопска населба Волково за да изврши контрола на работите околу изградбата на спортската сала, но кога требаше да даде изјава за медиумите, една револтирана граѓанка која се претстави како баба Перса почна да го прашува за канализацијата и неасфалтираните улици.
Заев тоа го искоментира како исценирана претстава, додека градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумовски, отиде пред домот на жената и објави дека прагот пред нејзиниот дом е асфалтиран, на што потоа Перса реагираше дека таа тоа го платила од сопствени пари.
Заев пред почетокот на брифингот со новинарите, кога ја доживеа непријатната случка, рече дека, иако претходно доаѓа од приемите во Бакингамската палата и Даунинг стрит, убаво е кога се наоѓа во скопската населба Волково, затоа што, како што рече тој, „дома си е дома“.
