ЗА ПОДОБРО ДА ПОМАГА СО ПОЖАРИ И КРИЗИ, ЗА АРМИЈАТА ТРИ ПАТИ ПОВЕЌЕ ДОЗВОЛЕНИ ТРОШЕЊА - се менува Законот за јавни набавки
Се предлагаат измени на Законот за јавни набавки, со кои, доколку се изгласаат, Армијата ќе може да прави поголеми јавни набавки од оние што сега се максимално дозволени во законот, а тоа се 12 илјади евра во тековната година. Односно, за Армијата ќе биде дозволено јавните набавки да изнесуваат и до 36 илјади евра во тековната година, со цел таа да може да одговори на сите тековни потреби што и се појавуваат, како што се помагање при пожари, мигрантска криза, како и во време на пандемија.
Законските измени ги предлагаат група пратеници од владејачката коалиција.
Односно, на предлог законското решение кое е испратено до Собранието, се потпишале Илија Николовски од Партијата на пензионерите, која е во рамки на владејачката коалиција, потоа пратеникот Миле Талевски од СДСМ, пратеникот Горан Милевски од ЛДП, која иако самостојно ќе настапува на локалните избори, во парламентот се уште функционира во владејачката коалиција, пратеникот Бастри Бајрами од движењето БЕСА, кое е во коалиција со СДСМ, како и пратеничката Вјолца Адеми од ДУИ, втората по големина партија која ја формира Владата.
Засега нема потврда дали овие законски измени ќе ги изгласа Собранието, но тоа е за очекување со оглед на фактот што го предлагаат пратеници од власта. Вообичаено владејачки народни избраници предлагаат закони бидејќи на тој начин се забрзува процедурата за нивно носење, а тие закони се од интерес на самата Влада.
Пратениците во предлог законските измени наведуваат дека тие се потребни поради поефикасно одржување и располагање со средства во Министерството за одбрана и Армијата на земјава. Нагласуваат и дека членството на Македонија во НАТО алијансата бара зголемување на нивото на готовност на воените единици.
„Во Законот за јавните набавки, во членот 40 став 6, по зборовите ‚12.000 евра во денарска противвредност во тековната година', зборот ‚додека' се брише, а на крајот на реченицата точката се заменува со запирка и се додаваат зборовите ‚додека во министерството за одбрана 48.000 евра во денарска противвредност во тековната година (12.000 евра во денарска противвредност за набавките на Министерството, а 36.000 евра за набавките за Армијата, со обврска износот за Армијата со интерни процедури сразмерно да биде поделен по гарнизони и воени единици)', се вели во поднесените предлог законски измени.
Инаку, сега во членот 40 став 6 на Законот за јавни набавки стои дека „вкупната вредност на набавките под вредносните прагови кај договорните органи не смее да надмине 12.000 евра во денарска противвредност во тековната година, или 24.000 евра“.
Пратениците што ги предлагаат законските измени велат дека согласно сегашниот закон, износот на средства кои не се обременети со процедурите предвидени со Законот за јавни набавки е премногу мал за да може да се покријат тековните и секојдневните потреби на Армијата на Република Северна Македонија.
Ова, како што нагласуваат, е особено важно во услови на чести ангажмани на Армијата во поддршка на цивилните институции, како што се пожари, мигрантска криза, но и поддршка во период на пандемија.
„Дополнително, станува збор за институција со околу 7.000 вработени распоредени во повеќе касарни, издвоени објекти и чести теренски активности. Со Предлог-законот за измени на Законот за јавните набавки се предвидуваат посебни услови за Министерството за одбрана, кои не се одразуваат на министерството, туку исклучиво на Армијата“, нагласиле во образложението петте пратеници кои ги предлагаат законските измени.
Предлагачите тврдат дека со предложеното законско решение ќе се овозможи поголема флексибилност на командантите на воените единици и гарнизоните, во управувањето со финансиските средства, и подобри услови и зголемување на борбената готовност.
Н.Н.Ф.
