За пет дена 11 вработени во градинки позитивни на коронавирус: Девет од Кочани
Девет вработени во кочанската градинка „Павлина Велјанова“ се позитивни на коронавирусот. Тоа го покажа скринингот што го прави Министерството за здравство меѓу вработените во овие воспитни установи. Владата одлучи да го прави пред евентуалното отворање на градинките и досега немаше масовно позитивни вработени.
„Скринингот покажа дека вирусот е меѓу нас. Со тестовите се утврдија деветмина вработени во оваа јавна општинска установа во Кочани, кои се позитивни на коронавирусот, без да покажат симптоми на болеста. Ова е уште една опомена за максимална внимателност, да ги спречиме последиците од поголем размер. Со ова се потврди и неопходноста од скрининг, бидејќи евентуалното отворање на градинките без проверка на здравствената состојба на вработените, ќе значеше катастрофа, вели градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.
Пред четири дена, позитивни беа и двајца вработени од градинките од Штип.
Владата пред една недела ги објави протоколите за работа на градинките. Предвидуваа градинките да се дезинфецираат пред да бидат отворени, а насекаде во објектите да има поставени заштитна опрема и дезинфекција.
Се предвидува да се одбележи пред секој влез на објектите растојание од два метра за родители при предавање на деца (само еден родител кој носи заштитна маска). Задолжително ќе се мери температура со бесконтактен термометар на вработените при влегување во установа и воведување на задолжително миење на рацете или дезинфекција, но и на децата при прием. Но и задолжително ќе биде да се обезбеди растојание од 1,5 - 2 метри меѓу масите за седење на децата.
А.Т.
