За Пендаровски исчекор има, за Силјановска нема реформи, туку импровизација
Kандидатот за претседател од СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски вечерва во тв дуелот на Канал 5 изјави дека во Македонија има напредок и тоа е препознаено од еврокомесарот Јоханес Хан, но и од Рајнхард Прибе.
Смета дека во делот на правдата направени се огромни исчекори, и вели дека ќе направат напори СЈО да продолжи со работа.
Неговата противкандидатка, Гордана Силјановска вели дека никакви реформи во судството нема, има само актерство, импровизации. Таа спомена дека деновиве имавме можност да слушнеме изјави од челници од Франција на оваа тема.
„Почетокот на преговорите го нема, затоа што нема реформи“, вели Силјановска.
Пендаровски кажа дека Силјановска не го осудила прислушувањето, бегството на екс премиерот Никола Груевски, ниту амнестијата за 27 април.
Силјановска му одговори дека истиот ден кога избега Груевски, премиерот Зоран Заев требал да го разреши првиот човек на полицијата, Оливер Спасовски.
„Не може премиери, политичари да судат. Кога даваме изјави по телевизии, ние вршиме влијание. Оставете го судот да суди“, рече таа.
Пендаровски ја обвини дека не застанала во одбрана на А1, новинарот Томислав Кежаровски и слично. Таа овие тврдења ги негираше и рече дека нема обичај „да виси по телевизии“.
