ЗА ОПОЖАРЕНОТО ВОЗИЛО НА ПРАТЕНИКОТ РИСТЕСКИ СЕ ВКЛУЧИ И ОБВИНИТЕЛСТВОТО - се бараат снимки од видео надзорот на околните објекти
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп извршил увид на лице место на локацијата каде во текот на ноќта беше опожарен автомобил во сопственост на пратеник во Собранието на Република Северна Македонија.
„По наредба на јавниот обвинител беа подигнати траги од лице место кои ќе се вештачат со цел да се утврдат причините за инцидентот. Јавниот обвинител издаде и наредби за обезбедување на евентуални снимки од видео надзорот на околните објекти во критичниот момент на опожарување на возилото“, се вели во соопштението од Обвинителството.
Инаку, за овој настан информираше и пратеникот Антонио Милошоски на својот фејсбук профил.
„Ова што се случи во Прилеп е директна закана и нарачан напад кон пратеник од опозицијата (Петар Ристески), заради неговите политички критики кон власта за предавничкиот протокол со Бугарија. Денес во 1.15 мин после полноќ подметнат му е пожар под неговото возило и возилото на неговата сопруга, пред домот во Прилеп, каде живеат со трите деца.
Инаку во Прилеп јавна тајна е дека дел од раководството на МВР е во дружба со мафијата и наркодилерите во градот, организираниот криминал е во пораст, рекетирањето на стопанственици и лихварството исто така. Ова полициско-мафијашко партнерство не ретко го користи и директниот линк со централата во МВР, преку советникот на министерот од Прилеп. Жртви на ваквиот организиран притисок во Прилеп не се само јавни личности, туку и стопанственици кои не сакаат да платат рекет, како и обични граѓани. Прашајте во градот кои се и што прават Лукароски, Џемо, Гешоска и шоферот Китаноски, и многу работи ќе ви станат појасни. Во МВР Прилеп има метастази од криминал, а соработката со мафијата во градот за дел од началниците е и голем бизнис. Но, се се врти. Заплашувањата нема да им поминат, а крајот на ваквите злоупотреби во МВР ќе дојде побрзо отколку што си мислат“, напиша Милошоски на својот фејсбук профил.
Фото: Фејсбук
Слично
