ЗА НИВ ОВА Е ПРОПУШТЕНА ШАНСА: Родители на ученици од ОУ„Кирил и Методиј“ во одбрана на ИБ програмата
Група на родители на деца кои учат во ОУ „Св. Кирил и Методиј” во Општина Центар, запишани во ИБ програма се разорачани од училиштето и општината за одлуката да не се аплицира за акредитација на ИБ, односно да се прекине трансформацијата на училиштето во ИБ училиште.
Станува збор за процес по кој успешно работат ОУ „Браќа Миладиновци” во Општина Аеродром и ОУ„Елпида Караманли“ во Битола.
Причините за оваа одлука за нас се неприфатливи и како одговорни и информирани родители кои своите деца ги запишале таму исклучиво заради предностите на ИБ програмата, велат родителите.
„Ние многу доцна дознавме дека оваа програма нема да се имплементира. Станува збор за една многу квалитетна програма и тоа ќе биде навистина испуштена шанса. Се работи со максимум 20 деца од паралелка, се работи тематски, значи многу е поразлично од оној обичниот начин на работење. Иб е програма по која работат децата во светот во 21 век“ - вели мајка на третоодделенче.
Родителите велат дека нивниот револт нема никаква политичка позадина и не сакаат да бидат етикетирани или поврзани со некоја партија.
„Како граѓани сметаме дека секоја прилика за подобро образование треба да се зграби без разлика која гарнитура ја донела или предложила. Нашето разочарување е дотолку понагласено од причина што ИБ програмата е освежување и напредок, како за учениците, така и за наставниот кадар, а немањето волја за прогресивен предизвик во образовниот процес е несвојствен и неприфатлив за просветната струка. Иако сме свесни за системските недоследности во образованието во РМ веќе подолго време и директните импликации врз администрирањето и имплементацијата на образовните програми, го повикуваме училиштето да не ја испушти оваа можност да биде лидер и пример во образованието во Македонија. Истовремено, ги повикуваме институциите да застанат во одбрана на правото на квалитетно образование за нашите деца“ - додаваат групата родители во соопштението.
Со надлежните од училиштето не успеавме да стапиме во контакт, затоа што никој не одговараше на телефонските повици и смс пораки.
