„За нас празниците се синоним за квалитетено време со фамилијата во кое доминираат разговорот, топлината и чувството на заедништво“: Празнично интервју со Нина Ангеловска Станков
Во јавноста ја познаваме како жена со јасна визија, лидерски капацитет и силно присуство во светот на е-трговијата – како претседател на Првата македонска асоцијација за е-трговија. Но зад професионалните улоги, динамичните пазари и големите одлуки, постои една поинаква, тивка и многу лична страна на Нина Ангеловска Станков – онаа што најмногу доаѓа до израз токму во празничните денови.

Во периодот кога домот станува центар на топлина, мириси на цимет и разговори што траат подолго од вообичаено, влегуваме во просторот каде Нина е пред сè сопруга, мајка, ќерка и домаќинка. Ова интервју нè носи токму таму – во нејзиниот дом, во атмосфера исполнета со светилки, тивки утрински гушкања и мали ритуали што имаат големо значење. Нина искрено и емотивно зборува за тоа колку ѝ значат празниците, за потребата да се забави ритамот и да се биде навистина присутен со најблиските.
Со нежност раскажува за заедничките моменти со сопругот Виктор и нивниот син Стефан, за секојдневните, наизглед обични навики што полека прераснуваат во семејни традиции. За неа, празниците не се совршена трпеза или раскошна декорација, туку чувство на припадност, сигурност и љубов што сака да му го пренесе на својот син – чувство дека домот е место каде секогаш се враќаш, без разлика каде си бил.
Ова е разговор за балансот меѓу светот надвор и светот внатре, за важноста на малите нешта и за моќта на семејните ритуали да создадат спомени што траат. Топол, човечки и искрен, овој разговор со Нина Ангеловска Станков нè потсетува дека вистинското богатство на празниците не се мери во подароци, туку во времето поминато заедно и во чувството дека припаѓаме.

ЖМ: Како би ја опишале изминатата година од професионален аспект и на што сте особено горда?
- Професионално, периодот зад мене беше интензивен, динамичен и исполнет со значајни искуства и важни одлуки. Значаен дел од времето го поминав во Кина, каде што имав можност одблиску да работам и да учам од еден од најразвиените е-commerce екосистеми во светот. Тоа искуство ми отвори нова перспектива – не само за бизнисот и иновациите, туку и за дисциплината, брзината и системскиот пристап што стојат зад големите дигитални платформи.
Горда сум на работата во Ананас и што имав прилика да ја предводам експанзијата на три нови пазари кои растат и се развиваат, со што го завршив мојот ангажман во Ананас кон средината на изминатата година. Особено сум горда на работата на Асоцијацијата за е-трговија и Алијансата за родова еднаквост и тоа што преку овие платформи успеавме да поддржиме отворање на нови е-продавници, да организираме едукативни и тематски настани со стотици учесници и да отвораме важни теми како дигитална и финансиска писменост, инклузивен раст и поголема застапеност на жените во лидерски и одлучувачки позиции. Овие иницијативи имаат реален, мерлив ефект и долгорочно влијание. А посебно горда сум на 8-то издание на Конференцијата за е-трговија која изминатата година достигна рекордна посетеност од над 900 учесници од регионот.
Оваа година ме научи дека вистинскиот професионален успех не е само во проектите што ги започнуваме, туку и во одлуките што храбро ги носиме, во насоката што ја бираме и во чувството дека она што го работиме е во согласност со нашите вредности и животна фаза.
ЖМ: Како изгледаше вашата година од приватен аспект – кои моменти со сопругот Виктор и малиот Стефан ќе ги паметите најмногу?
-Од приватен аспект, оваа година за нас како семејство беше година на поврзаност, прилагодување и создавање нови семејни ритми. Заедно со Виктор и Стефан учевме како да бидеме тим во еден сосема нов контекст – со многу љубов, но и со многу трпение, флексибилност и разбирање.
Годинава ни ја одбележа патувањето и престојот во Кина и развојот на Стефан. Да се биде далеку од дома, во поинаква култура, со мало дете, беше предизвик, но истовремено и привилегија. Имавме прилика да гледаме и учиме нови работи кои не прават побогати и ни отвараат нови видици. Стефан за прв пат почна да лази во Кина, а потоа и прооде во Кина. Сите овие поминати моменти заедно како фамилија, гледајќи го Стефан како расте ќе ги памтиме и раскажуваме… утринските гушкања, заедничките прошетки, играта пред спиење, неговото смеење - овие мали моменти со семејството се оние кои даваат смисла на сè друго.
Оваа година ме научи дека вистинската рамнотежа не значи сè да е совршено организирано, туку да знаеш што ти е најважно. Исто така патувањето со дете и воопшто одгледувањето, ме научи на повеќе флексибилност и брзо прилагодување на плановите.
ЖМ: Стефан е во период на истражување – како изгледа секојдневието со него? Што најмногу го фасцинира?
-Стефан е во фаза кога светот му е едно големо поле за истражување, а секојдневието со него е динамично, гласно и многу забавно. Деновите ни поминуваат во движење – постојано откривање, допирање, отворање, прашување (на свој начин) и тестирање на граници. Го интересираат многу работи, а најмногу внимание му привлекуваат ситните, „обични“ нешта како копчињата, водата, топките, тркалата, животните воопшто, а посебно гулабите и шатките во парк…Обожава да биде вклучен во сè што правиме – во кујната, додека подготвуваме нешто, додека средуваме, па дури и во најобичните домашни ритуали.
Она што најмногу ме фасцинира мене е колку многу брзо учи и како сѐ разбира, иако се уште не зборува. Често се шегувам дека децата во оваа возраст се како некои луѓе кога ќе кажат дека не зборуваат англиски ама се разбираат (се смее). Ме фасцинира исто така неговата љубопитност и искрената радост со која го доживува секој нов ден. Со него учам да забавам, да бидам поприсутна и повторно да го гледам светот со свежи очи. Секојдневието со Стефан не е секогаш лесно, но е полно со смеа, спонтани моменти имали победи што ја прават оваа фаза незаменлива.
ЖМ: Иако се уште е мал, дали покажува што најмногу му е интересно околу новогодишната магија? Светилки, подароци, елка…?
-Јас сум голем љубител на овој празничен период, па така мислам дека духот и енергијата успеавам да му ја пренесам и него. Секое утро слушаме традиционално празнични песни, ги знае веќе сите и игра штом почнат. Елката си добива свое внимание ама од старт кога ја китевме поставивме граница дека не се допира елката и можам да кажам дека ја почитува. Кога поминува покрај неа покажува дека не смее да се допира (се смее). Омилени мислам дека му се новогодишните книги и приказни, воопшто многу сака сликовници и често читаме ама овој период најмногу го интересираат новогодишните.
ЖМ: Оваа година патувавте со Стефан дури до Кина, каде вашиот сопруг имаше работна обврска. Какво беше тоа искуство – предизвици, успеси, незаборавни моменти?
-Патувањето во Кина со мало дете беше едно од оние искуства што истовремено предизвикуваат и збогатуваат. Новата култура, поинаквиот ритам на живот и секојдневието далеку од дома бараа многу приспособување, но истовремено ни отворија сосема нова перспектива. Најголемиот предизвик беше организацијата на секојдневието со бебе во средина што е целосно различна, а најголемиот успех – тоа што успеавме како семејство да изградиме чувство на сигурност и рутина, каде и да сме.
За Стефан, Кина беше свет полн со нови бои, лица и звуци, а и за нас беше нов свет и култура за откривање, а воедно и лекција за трпение, флексибилност и меѓусебна поддршка.Ова искуство нè направи похрабри и посигурни – и како родители, и како партнери. Ни покажа дека границите најчесто се во нашата глава, а дека со љубов, организација и меѓусебна поддршка, дури и најдалечните патувања можат да станат привремен дом.
ЖМ: Кои празнични ритуали се традиција во вашето семејство?
-И јас и сопругот сме фанови на ритуали воопшто, а јас посебно на празничните, па тој дух и енергија успеав да му ги пренесам и на Виктор и заедно веќе неколку години ги градиме нашите празнични ритуали како фамилија кои ни помагаат да забавиме, да се поврземе и навистина да бидеме присутни едни со други. Традиција ни е украсувањето дома со греење вино и готвење нешто слатко за да мириса на цимет и “топло” додека украсуваме, ручеците и вечерите со фамилиите е во атмосфера во која доминираат разговорот, топлината и чувството на заедништво, качувањето на Водно на 1-ви јануари, разменувањето подароци со саканите, празнични филмови, кршење лепче со паричка со фамилијата и пријателите и играњето друштвени игри со пријателите.
За празниците си доаѓа дома и сестра ми, па нејзиното присуство ги прави овие дружби целосни - За Божиќ каде и да си дома да си. Оваа година украсувањето дома го правевме јас и Стефан, Виктор си дојде дома пред неколку дена за празниците, после празниците се враќа назад има уште малку престој во Кина, но наскоро завршува неговата програма и се враќа дома после година дена.
Со доаѓањето на Стефан, почнуваме да градиме и нови ритуали – мали, но значајни.Така со него правевме Божиќни колачиња годинава, а јас и Стефан бевме и напразничниот концерт на Биби и Боби, претходно одевме јас и Виктор на некој од празничните концерти, а од сега заедно на детски (се смее).
Ритуалите се многу важни за децата, тие го доживуваат светот како голем и често непредвидлив, а ритуалите им даваат чувство дека некои нешта секогаш се исти. Преку ритуалите децата учат за идентитет и припадност - “Ова сме ние, ова е нашето семејство”. Важни се и за емоционлна поврзаност со родителите и 100% присутност, можеби децата не ја памтат толку активноста колку тоа како се чувствувало. Ритуалите и за децата и воопшто носат порака дека времето поминато заедно е најважно.
ЖМ: Како ќе ги поминете празниците оваа година – во семејна атмосфера, со пријатели или можеби на друго место?
-Прилично сме едноставни кога станува збор за Новогодишните и Божиќни празници. За нас тие се синоним за квалитетно време со фамилијата, саканите и блиските, денови исполнети со поврзување, смеа, добра храна и позитивна енергија. За Нова година веќе неколку години наназад го сменивме концептот од ноќно кон денско прославување и дружење со пријателите, потоа на вечера кај мајка ми и вечерта дома со празнични филмови. За Бадник и Божиќ сме со фамилијата и поширокото семејство.
ЖМ: Што најчесто подготвувате за новогодишната или божиќната трпеза? Кој момент од празничната подготовка ви носи најмногу радост – готвењето, средбите, украсувањето…?
-На сите овие работи им се радувам, најпрво на украсувањето и атмосферата дома кога е украсено, потоа на дружбите со семејството и пријателите. Готвење сакаме и јас и мојот сопруг, но со оглед дека овој период е период за дружби и со пошироката фамилија, уживаме во добра традиционална храна подготвена со многу љубов за сите нас (се смее). Новогодишната трпеза ја спрема мајка ми, кај неа сме секоја година на вечера и е традиционална - руска, кифлички, месо, сарми..со тоа што се е модифицирано да е поздрава верзија, пример кифлите се интегрални. На 1-ви сме на ручек кај родителите на Виктор, а за Божиќ сме кај тетка ми (се смее).
ЖМ: Минатата година вашата куќа во Брајчино беше во вистинско празнично руво што ви значи овој дом во вашето семејство?
-Брајчино има лично и семејно значење за мене. Тоа е родното село на мојата баба и дедо, каде што го изградиле својот дом и каде се вратиле во своите четириесетти години, по животот во Скопје.Таму се испишани многу семејни приказни, вредности и спомени што денес ги носам со себе.
Мојата баба, Николина Ангеловска, беше позната како основоположник на селскиот туризам во Брајчино – вистински претприемач во најчистата смисла на зборот. Секогаш полна со елан и енергија, било преку готвењето, било преку раскажувањето и грижата за луѓето околу себе. Како дете поминував многу време таму со неа и со дедо ми – учев нови работи, се поврзував со природата, ја засакав планината и растев низ дружење и слобода, било на планина или на плажата во Дупени. Минатата година за првпат бевме таму со Стефан кога наполни 40 дена, а потоа зимата поминавме неколку дена заедно со татко ми, во вистинска зимска идила и празничен дух.
Благодарение на него, кој со многу љубов го имаше украсено домот и се погрижи за секој мал детал, имавме прекрасни празнични денови. Брајчино за нас е мост меѓу генерациите, место каде што спомените продолжуваат да живеат и каде што сега почнуваме да создаваме нови, заедно со Стефан. Годинава пак ќе поминеме неколку дена таму со Стефан и татко ми после празниците.
ЖМ: Што ќе си посакате за себе и своето семејство во новата година?
-Во новата година, најмногу си посакувам здравје за мене и моите сакани, мир и време – време заедно, време без брзање и време во кое ќе можеме да бидеме навистина присутни едни за други. Сакам да продолжиме да растеме како семејство, со љубов, трпение и разбирање, и да ги негуваме малите ритуали што ни даваат чувство на сигурност и блискост. За Стефан си посакувам детство исполнето со љубопитност, слобода и чувство дека секогаш има безбедно место каде припаѓа. А за нас како родители – мудрост да го водиме, но и храброст понекогаш само да застанеме и да уживаме во моментот. Ако ја имаме таа рамнотежа, верувам дека сè друго ќе си дојде на своето место.
Габриела Додевска Глигоровска