Економија, финансии, бизнис

Контакт

„ЗА МИЦКОСКИ КАКО ПРЕМИЕР, КОЧОСКА Е ВЕЌЕ БЕСКОРИСНА И НЕУПОТРЕБЛИВА“: Остра реакција на Жерновски за министерката за финансии

„ЗА МИЦКОСКИ КАКО ПРЕМИЕР, КОЧОСКА Е ВЕЌЕ БЕСКОРИСНА И НЕУПОТРЕБЛИВА“: Остра реакција на Жерновски за министерката за финансии

Андреј Жерновски со остра реакција за вчерашната изјава на министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, со која и се обрати на Славјанка Петровска од СДСМ.
„Ако нема оставка, мора да има разрешување.

Мицкоски е на потег!

Најтешкиот е најболниот процес за една новоформирана Влада е токму навикнувањето и, што е уште поважно, прифаќањето на критиките кои доаѓаат од опозицијата.

А тие, критиките, сосема природно се зголемуваат во интензитет со текот на времето

Начинот, пак, на кој таа владина гарнитура ќе одговори на овој неизбежен предизвик, во голема мера ја детерминира нејзината иднина.

Овде, кај нас, тоа соочување оди многу тешко. Се случувало во минатите владини состави, се случува во оваа, секако ќе се случува и во идните.

Освестувањето, инаку, доаѓа во две фази. Првата е кога репликата и правдањето автоматски започнува со тезата “а вие што правевте кога бевте на власт”, што всушност се првите знаци на немоќ, за да втората фаза прерасне во реплика преку навреди и омаловажувања, кои претставуваат дополнителна манифестација на таа немоќ.

Секако, се’ се одвива според погубното непишано правило- што поголема политичка сила, толку поголема навреда. Што полошо домашно воспитување, толку помизерна реплика.

Токму последново се случи вчера во нашето Собрание. Во целосна немоќ да се даде контрааргумент, а во желба да му се допадне на шефот кој, ете прилика, седи пред неа и ја слуша, министарката изусти таква примитивна навреда, што сѐ уште е тешко истата да се опише.

Не беа омаловажени и грубо навредени само жените кои немаат или не можат да имаат деца. Беа навредени и мажите кои се во истата состојба.

Бевме навредени, впрочем, сите!

Подоцнежните нејзини, како и оние од нејзината партија, правдања и (до)објаснувања, беа крајно невешти и јалови. Од лошо, полошо.

Сега доаѓаме до најважниот момент.

На почетокот, очите на јавноста се вперени кон министерот кој кажал навреда. Кога веќе станува јасно дека истиот не поседува основно елементарно чувство за вина и срам, уште помалку доблест да се извини и повлече од функцијата на која, патем, и избран(а) за да даде пример за одговорно однесување, тогаш настапува, за Владата, поголемиот проблем- очите се вперуваат кон оној што ја предложил, а тоа е претседателот на таа влада. Затоа, сега сите гледаат кон премиерот.

Оној премиер кој е мудар, паметен и практичен, ќе го разреши тој министер. Така фунционираат владите во демократскиот свет. Не за друго, туку никој премиер не сака целата негова владина структура да го носи бремето и да ја споделува одговорноста од тој срам.

Едно е сигурно- за Мицкоски како премиер, министерката Кочовска е веќе бескорисна и, без никаква намера да звучам грубо, неупотреблива. Имено, ако остане на таа позиција, факт е дека до крајот на нејзиниот мандат, колку и да предложи некој навистина добар проект, колку и да постигне некој добар резултат (во што сите се сомневаме,искрено), се’ ќе биде попусто. Зошто? Бидејќи секое нејзино појавување, во било која прилика, веднаш ќе ја потсети јавноста на навредата и примитивизмот.

Толку е од неа.

Што побрзо го сфати ова премиерот, толку подобро за него. И обратно, нели.

Како потврда за ова, нека ни послужи примерот со министерката која љубоморно го чува и крие бугарскиот пасош. Џабе е веќе секој нејзин настап. Каде и да се појави, она редовно го добива истото прашање. За жал, и редовно не дава одговор.

Таква е оваа работа. Ако си одлучил и си се одважил да бидеш јавна личност, уште повеќе висок политички фукционер, тогаш мора да внимаваш што правиш и што зборуваш. А ако устата ти е побрза и помоќна од мозокот, јасен е исходот“, напиша тој.



Слично

Поврзани вести