„ЗА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК, ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР Е СИЛНО ОРУЖЈЕ, ИСКОРИСТЕТЕ ГО!“: Се огласи Димитров за актуелниот проблем со Бугарија
Во пакетот што го прифати претходната влада, “брилијантниот успех” што бескрајно ни го искомплицира патот до членството во ЕУ вметнувајќи нерешен идентитетски спор во пристапниот процес, е и официјалната изјава на Софија дека македонскиот јазик е сиромашен дијалект на бугарскиот јазик што таа не го признава како посебен јазик.
Црно на бело, доставен во Брисел.
Сега повторно реактуелизирана преку бугарските европратеници во дебатата во Европскиот парламент.
Меѓу другото, македонскиот јазик е во преговарачката рамка со ЕУ, токму како резултат на Преспанскиот договор.
Ја читам претседателката на државата, како вели дека Бугарија била инспирирана од Преспанскиот договор за ветото, во смисла дека ѝ се отвориле апетити, без воопшто да се сети дека “инспирацијата” може да биде и фрустрација, оти токму таму - македонскиот јазик е афирмиран, нешто што веројатно ако е чесна, ќе си признае дека не било баш едноставно да се обезбеди на светска сцена, како што се тврди дома по митинзи или амфитеатри.
И таа е суштинската разлика!
Таа тврди дека НАТО било важно и ни требало, таа го поддржува членството и добро ќе било да сме направеле компромис за НАТО, ама со Преспанскиот договор сме се фокусирале само на ЕУ, толку што дури и во референдумското прашање не било НАТО ниту спомнато.
Напротив, во прашањето се разбира се и НАТО и ЕУ.
Уште повеќе, ратификацијата на пристапниот протокол за нашето членство во НАТО во грчкиот парламент беше услов за влегување во сила на Преспанскиот договор.
Тоа на што претседателката е горда, тоа што вели цитирам - “во ваква безбедносна ситуација НАТО е многу важен за нас”, е тоа НАТО е овде и ние сме таму само и само поради Договорот што не се умее или не се сака да се искористи во наша полза.
Единствениот услов за членство во НАТО од Самитот во Букурешт во 2008 наваму, беше решение за спорот околу името.
