За кога е закажана средбата на преговарачките тимови за името?
Mинистерот за надворешни работи, Никола Димитров денеска изјави дека овој месец ќе има средба на ниво на преговарачките тимови и во оваа прва фаза нема да има посета на посредникот Метју Нимиц на регионот.
Димитров нагласи дека многу е поважно што се прави, отколку што се најавува.
„Факт е дека процесот беше во застој подолго време, бидејќи освен спорот за името постојат и други пречки во процесот на евроинтеграциите. Сега постојат сериозни напори земјата да ги отстрани тие пречки. Со новата политичка состојба, постои политичка волја и оптимизам тие да се надминат“– рече Димитров.
Тој рече дека во Солун, за време на средбата на шефовите на дипломатии на Македонија, Грција, Албанија и на Бугарија, имал билатерална средба со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас, и дека договориле соработка на ниво на невладини организации, универзитети и на академици.
„Нашата политика е да им одземаме аргументи и причини на тие што би сакале блокадата на нашиот евроатлански пат да остане. Претходната надворешна политика даваше аргументи, а ние сме заинтересирани не само да не даваме аргументи, туку и да одземаме“– додаде Димитров.
Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас неодамна за весникот Катимерини изјави дека Владата има намера да го реши спорот со името со Македонија. Тој додаде дека националната рана, која е отворена пред 26 години, треба да биде излекувана до 2018 година.