ЗА КИСЕЛА ВОДА ИМА ПРИГОВОРИ: Во Пласница втор круг, соопштено каде ќе се гласа, а каде се сигурни победите
Избрани се градоначалници во 32 општини, а според конечните резултати 21 градоначалник има ВМРО-ДПМНЕ, девет уште во првиот круг ги доби СДСМ, а два се на ДУИ. Првично беше соопштено дека во првиот круг се избрани градоначалници за 22 општини, но за некои има приговори. Тоа денеска го објасни претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски.
Од избраните градоначалници во првиот круг, според првичните резултати, градоначалник доби и Кисела Вода. Таму победи Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа за оваа општина има поднесено приговор, исто како и за општините Дебар, Пласница и Шуто Оризари, во кои ќе има втор круг. Конечност на резултати во овие општини каде има поднесено приговори, како што рече претседателот на ДИК Александар Даштевски, Комисијата ќе објави по истекот на рокот за поднесување на тужба до Управниот суд за решенијата за приговорите.
Според постојните бројки на 31 октомври ќе се гласа во 44 општини.
Во Маврово-Ростуше и Центар Жупа ќе се повтори гласањето, бидејќи не е исполнет законскиот цензус на гласање да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список.
Државната изборна комисија во рок од 15 дена ќе ја извести Владата, за таа потоа да го извести Собранието, кое треба да распише нови избори за овие две општини.
Даштевски рече дека конечните резултати за советите во Општините и Градот Скопје ќе ги објават во текот на денот.
Одговарајќи на новинарско прашање, Даштевски посочи дека очекува да се надминат проблемите со апартите за отпечаток од прст, што ги имаше во првиот круг.
„Тоа што е до квалитетот не можеме да гарантираме. Во смисла што имаме и друга постапка, замена за тоа во избирачкиот список каде што не може да се утврди квалитетот. Меѓутоа, уште не сме се договориле за акцискиот план, како тоа ќе го правиме во понеделеник, како да го организираме тоа. Обуките почнуваат од понеделник и ќе биде неспоредливо поефикасно од првиот круг, посочи тој.
Рокот за пријавување за гласање во вториот круг на изборите на лицата со Ковид-19 и во изолација истекува на 25 октомври.
