За Камбовски изјавата на Груевски е лична и неумесна
Академик Владо Камбовски денеска на трибина во МАНУ како неумесна ја оцени изјавата на Никола Груевски пред ДИК.
Камбовски додаде дека тоа било лична изјава.
„Ако беше дадена од државен орган, ќе ја осудев, но беше дадена од партиски лидер, а партиската политика има неограничени можности. Државните органи треба да водат политика која ќе го отсликува интересот на државата, а тој интерес е соработка и интеграција со ЕУ и НАТО“ - вели Камбовски.
За новата влада, рече дека легитимна влада не се гледа само низ математички бројки, туку низ вредностите што треба да ги реализира, а пред сè, ЕУ и НАТО.
„Идната влада треба да ги исполни очекувањата на граѓаните. Тие очекувања може да ги исполни само легитимна влада“ – рече Камбовски.
Објасни дека целта на денешната тркалезна маса е низ пријателски разговор со амбасадори и претставници на амбасадорите од ЕУ, НАТО и други држави, да се слушнат нивните очекувања од Македонија.
Само францускиот и германската амбасадорка се присутни, а другите амбасади испратија свои претставници во МАНУ.
