ЗА ИЗБОДЕНОТО ДЕТЕ ВО ЧЕНТО: Полицијата поднесе кривична пријава против три лица
Полицијата поднесе кривична пријава против три лица за напад и нанесување повреди со нож врз 14-годишник во Ченто.
Единицата за насилен криминал при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поднесе кривична пријава против Ј.Ј. (19), В.С. (23) и В.А. (19), сите од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело насилство врз дете.
Во описот за случајот пишува дека настанот се случил на 22 јуни околу 23:50 часот во паркот на улицата „Финска“ во населбата Ченто, каде пријавените физички нападнале 14-годишен малолетник, употребувајќи тврд предмет, а со остар предмет му биле нанесени повреди.
Полициски службеници извршиле увид на местото на настанот, при што го пронашле ножот за кој се сомнева дека бил употребен при извршувањето на кривичното дело. Ножот е предаден на вештачење.
По преземните мерки пријавените се приведени и со нив е извршен службен разговор.
На социјалните мрежи се појави видео од грозоморниот настан. Од семејството на детето кажаа дека случаен минувач пријавил во полиција и викнал Брза помош.фото МВР
