„Целта е да покажеме одговорност и систем кој ќе биде посилен и поорганизиран“: Владата за годишнината од трагедијата во Кочани организира конференција
Пред нас е, за жал, одбележувањето на годишнината од трагедијата во Кочани. Настан којшто и тогаш како и денес го буди истото чувство на болка и длабока одговорност. Тоа беше ден кога времето застана за многу семејства, но, истовремено, тоа беше и момент кој ја покажа силата на солидарноста. Во најтешките часови се мобилизираа здравствените работници, институциите, службите, локалната заедница. Државата реагираше, а и нашите партнери покажаа дека солидарноста не е само принцип, туку конкретна поддршка кога е најпотребна.
Ова го истакна денеска портпаролката на Владата, Марија Митева, која укажа дека во тие најтешки часови, благодарение на координираниот одговор на државата и поддршката од европските и регионалните здравствени системи, беа спасени човечки животи и беше овозможен третман за најтешко повредените.
- За Владата една година подоцна, целта не е само сеќавање. Целта е да покажеме одговорност и создавање систем кој ќе биде уште посилен, поорганизиран и подготвен да одговори на кризни ситуации.
Затоа сакам да ја информирам јавноста за Меѓународната конференција „Институционални и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани – една година потоа“, која ќе се одржи на 14 Март и ќе обедини претставници на институциите, здравствени експерти, меѓународни организации и хуманитарни партнери. Конференцијата има за цел да се направи една сеопфатна анализа на одговорот на трагедијата, од првичната интервенција и спасувањето животи, до долгорочниот третман, рехабилитацијата и системските решенија за иднината - нагласи Митева.
Таа посочи дека на оваа конференцијата ќе присуствуваат на 37 лекари и медицински експерти од странство, кои во најтешките денови по трагедијата во Кочани директно учествувале во лекувањето на пациенти.
- На покана од наша страна како држава, во Скопје ќе пристигнат доктори од клиники и здравствени центри од повеќе европски земји, токму оние институции кои ги отворија своите врати кога беше најпотребно на Македонија. Нивното присуство на оваа конференција претставува можност искуствата од заедничката работа да се претворат во знаење, протоколи и системски решенија кои ќе придонесат за подобра подготвеност на здравствените системи во иднина.
Настанот ќе започне со свечено институционално отворање, по кое ќе следува комеморативен момент како потсетник дека зад секоја трагедија стојат човечки приказни.
Ќе се фокусираме на национален и меѓународен здравствен одговор и акутен третман на изгорениците. Овој панел ќе се фокусира на медицинскиот аспект на кризата, од првичната тријажа и итниот медицински одговор, до комплексниот третман на тешки изгореници. Ќе се разгледуваат хируршките и пулмолошките аспекти на третманот, како и координацијата меѓу различните клиники и здравствени установи во земјата и регионот - објасни Митева.
Потоа додаде дека третиот панел ќе биде посветен на долгорочниот процес на закрепнување на пациентите. Ќе се зборува за мултидисциплинарната соработка во третманот, рехабилитацијата, физикалната медицина и функционалното враќање на пациентите, како и за психолошката и психијатриската поддршка. Посебно внимание ќе биде посветено на долгорочното следење и подобрувањето на квалитетот на живот на преживеаните.
- Една година по трагедијата, Владата останува доследна на ветувањето дека поддршката за жртвите, повредените, нивните семејства и за здравствениот систем нема да биде еднократна, туку континуирана и системска.
Од првиот ден беше преземена обврска дека државата ќе стои зад процесот на лекување, рехабилитација и закрепнување, но и дека трагедијата ќе биде претворена во поттик за подобрување на институционалните капацитети и подготвеноста на системот. Тоа ветување денес се реализира преку конкретни мерки, соработка со домашни и меѓународни партнери и постојано унапредување на здравствените и кризно-менаџерските механизми - заклучи Митева.
