ЗА ИНЦИДЕНТОТ СО ВЈОСА ОСМАНИ: Aeродромските безбедносни служби постапиле професионално
Тим од инспектори од Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), предводен од директорот Драги Стојаноски, денеска изврши повторен увид во доказите и спроведе вонреден инспекциски надзор во ТАВ Македонија, во врска со настанот од минатата недела во кој беше вмешната и претседателката на Република Косово, Вјоса Османи.
При првичниот увид констатирано е дека, аеродромските служби надлежни за безбедносни проверки, во рамки на своите работни обврски постапувале професионално и придржувајќи се до правилата кои се наметнати во согласност со имплементираната меѓународна регулативата, не дозволувајќи заобиколување на стандардите и процедурите дури и под притисок на лицата кои биле во придружба на патникот.
„Одбивање на спроведување на стандардните безбедносни проверки со истите патници согласно евиденцијата се случиле и во 2022г. и 2023г. кога безбедносни проверки се прифатени дури откако водачот на воздухопловот одбил да ги прими патниците во воздухопловот без спроведена безбедносна проверка. Доколку службениците во ТАВ Македонија постапиле различно од пропишаните правила и дозволиле пропусти и заобиколување на пропишаните процедури истите ќе се соочеле со сериозни санкции од Агенцијата за цивилно воздухопловство како тело надлежно за нивна регулација“, се вели во соопштението.
Велат дека со оглед на тоа што се работи за општо прифатени меѓународни стандарди, доколку било кој се сомнева во нивната веродостојност, препорачуваме истата пракса да ја примени на некој од европските меѓународни аеродроми како би можеле да се уверат во нивната примена.
Од АЦВ истакнуваат дека како независно регулаторно тело би сакале да останат надвор од политичките превирања за овој немил настан и жалат што наместо професионална разрешница на овој настан од каде би се извлекле поуки и би се преземале соодветни мерки за нивно ублажување и избегнување во иднина, „сведоци сме на обиди за политичко поентирање и извртување на вистинската причина за неговото настанување“.
Во случајов, истакнуваат дека извинување заслужуваат само аеродромските служби кои обидувајќи се доследно да ја извршуваат својата работа согласно прифатените меѓународни правила и практики, претрпеа непотребни притисоци закани и омаловажувања.
Косовските власти бараа настанот да се расчисти. Османи дури беше револтирана.