За храна, пијалоци и тутун лани во Македонија се потрошиле 2,08 милијарди евра - До година се очекува уште поголема сума
Вкупниот промет во сегментот на храна, пијалаци и тутун за 2024-та година изнесувал 2,08 милијарди евра што претставува приближно 5% раст во споредба со претходната година. За тековната се очекува да изнесува до 2.28 милијарди евра или раст од приближно 180 милиони евра (или 9%), покажува истражувањето на Инсајдер ИД.
Дел растот, според истражувањето, ќе биде предизвикан од инфлацијата, која е очекувана да изнесува помеѓу 3.00% – 3.20% во 2025-та но и приспособување на маркетите на пазарните околности што ќе придонесе за постабилен раст.
Растот на целиот сегмент во 2024/23 е 5%, но во исто време инфлацијата изнесува 3.50% што посочува дека реалниот раст е значително низок.

Вкупниот промет на националните ланци на маркети во 2024-та изнесувал приближно 1,1 милијарди евра и се очекува да се зголеми до 1,25 милијарди во 2025-та година. Најголем дел од прометот го остваруваат тврдите дисконти или 676 милиони евра, наспроти 451 милиони евра остварени од класичните ланци на маркети.
Според изработените проекции, за 2025-та се очекува прометот да достигне 786 милиони евра за дисконтите и 468 милиони евра за класичните ланци. И покрај осцилациите, вкупниот промет и тој на маркетите имаат континуиран раст, со исклучок на кризната 2020-та година.
Бројките за 2024-та кои Инсајдер ИД ги проектираше како раст на прометот до 2.2 милијарди евра се во рангот, но има отстапување од приближно 5%, кој што се должи пред се на намалување на инфлацијата и мерките за намалување на нејзините ефекти.
Профитот на националните ланци за последната година е 29 милиони евра, или 2.6% анализиран како нето-профитна маржа. Забележливо е дека и покрај значителното зголемувањето на приходот во последните 6 години на националните ланци, профитот се намалува.
Како нето-профитна маржа бил највисок во 2020-та година со 4.2%, кога се остварени 682 милиони евра вкупен промет а профит од 30 милиони евра, додека најнизок во 2024-та со 1.1 милијарди евра промет а 29 милиони евра профит. Таа стагнација потенцијално е последица на зголемувањето на учеството на тврдите дисконти, кои традиционално имаат пониски профитни маргини во споредба со класичните ланци, но и интензивирање на конкуренцијата помеѓу ланците која што најчесто се базира на ценовната политика.

Според истражувањето, тврдите дисконти бележат значителен раст во последните шест години во секој аспект од работењето од приход, учество на пазарот до препознатливост и преференца помеѓу потрошувачите. Според прометот, од ланци кои значително заостанувале во споредба со класичните ланци, до апсолутни лидери на пазарот.
