За германското МНР изјавите на Иванов за Алтхаузер се неумесни
Од германското Mинистерство за надворешни работи велат дека обвинувањата на претседателот Ѓорге Иванов упатени кон германските дипломати се неумесни.
„Се радуваме што претседателот Иванов по долго размислување дојде до вистинска одлука и се откажа од ставот на блокирање. Обвинувањата упатени кон германски дипломати и други пријателски држави се неумесни. Како што е познато, проценките кои ѝ се пренесуваат на земјата-домаќин, секогаш се договараат во тесна координација меѓу Министерството за надворешни работи и Амбасадата“ - се вели во одговорот на германското Министерство за надворешни работи.
Иванов синоќа ја критикуваше Германија дека нема добри дипломати во Македонија. Тој во интервју за ТВ Нова рече дека канцеларката Ангела Меркел му се извинувала затоа што амбасадата во Скопје испраќала лажни вести.
По овие обвинувања, германската амбасадорка во земјава, Кристине Алтхаузер рече дека Германија е добар пријател на Македонија.„Лично, имам добра соработка и со претседателот и со сите политичари во земјава. Мојата овдешна работа е високо почитувана во мојата родна Германија и од министерот за надворешни работи од канцеларката и јас сум во секојдневен контакт со властите од мојата земја“ - изјави Алтхаузер.
Таа употреби и една поговорка која вели „Колку повеќе непријатели, толку поголема е честа“.
