Економија, финансии, бизнис

Контакт

За Германија состојбата во Македонија е вознемирувачка

За Германија состојбата во Македонија е вознемирувачка

Германскиот шеф на дипломатијата, Зигмар Габриел за време на посетата на Украина денеска ги коментираше состојбите во Македонија, и рече дека политичката ситуација во земјава е вознемирувачка. 

„Внатрешната политичка стагнација се заканува да ја врати земјата назад по патот кон Европската Унија“- се вели во изјавата на Габриел што ја објави германското МНР, јавува дописникот на МИА од Берлин.

Според него, претседателот Ѓорѓе Иванов и покрај тоа што лидерот на опозицијата, Зоран Заев ги собрал потребните потписи за создавање ново парламентарно мнозинство одбил да го даде мандатот за нова влада. 
„Тоа е спротивно на демократските принципи и европските вредности на кои што се обврза земјата. Претседателот Иванов треба повторно да размисли за оваа одлука и да ја исправи во интерес на граѓаните на неговата земја“- се вели во изјавата. 
Ги повикува сите политички фактори во Скопје да делуваат одговорно во актуелната вжештена внатрешна политичка клима, да имаат умерена реторика и да сторат сè што можат за да спречат конфликти меѓу граѓаните.

Додава дека Германија стои зад јасните пораки испратени вчера во Скопје од Високиот претставник на ЕУ, Федерика Могерини, до политичките фактори и претставниците на македонското граѓанско општество. 

Вели дека Германија силно го поддржува приближувањето на земјата во ЕУ и жали за фактот што нерешеното прашање за името со години го загрозува прогресот на Македонија кон ЕУ. Ваквиот развој на настаните, според германскиот министер, придонесол за влошување  на ситуацијата и затоа мора да има брзи чекори за решавање на ова прашање.


Слично

Поврзани вести