За Фити македонскиот е интегративен, но не смееме да го спориме унапредувањето на јазиците на сите заедници
Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Таки Фити во Топ тема на Телма вечерва изјави дека не смееме да го спориме унапредувањето на јазиците на сите наши заедници.
„Треба тоа да го разбереме. Велиме, добро, поради чувствителноста на проблемот, и заедниците треба да имаат разбирање дека македонскиот јазик е интегративен и обединувачки“ - вели Фити.
Тој смета дека е неопходно да се работи низ заеднички проекти, образование, комуникација, низ проучување на традициите, обичаите и различностите и да се обединуваме со толеранција.
За спорот со името со Грција, Фити констатира дека во науката и културата проблемите се помали и додаде дека е неопходно, токму во овие сфери соработката да продолжи.
За економската состојба, рече дека во моментов објективна опасност од банкрот на државата нема.
Интервјуто со академик Фити беше по повод одбележувањето 50 години од основањето на МАНУ.
