За Џафери е неприфатлива новата иницијатива за гласање на доверба на Владата
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вели дека опозицијата не може да поднесе нова иницијатива за гласање на недоверба на Владата, кога веќе има поднесено една.
Според Џафери, во наредните 90 дена не може да има повторно гласање, затоа што веќе е поднесена иницијатива со 61 потпис од страна на ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алтернатива, Алијанса за Албанците и Беса. Седницата за гласање на доверба на Влада е веќе закажана за в четврток во 11 часот.
„Јасни се процедурите. Има седница закажана во четврток. Седницата мора да има епилог. Епилогот може да биде, се гласа недоверба – паѓа Владата, не се гласа недоверба – не паѓа Владата. После тоа наредните 90 дена не може да има повторно гласање на недоверба. Затоа е даден рок од 90 дена. Процедурата е отпочната, ако се повлече сега барање за гласање на недоверба на Влада, нема право наредните 90 дена за повторно барање за гласање на недоверба“, порача Џафери за ТВ21.
Во меѓувреме пратеникот Скендер Реџепи-Зејд од Алтернатива, чиј потпис на првичната иницијатива е 61-иот, рече дека бил изманипулиран и дека не знаел дека на иа иницијативата ќе бидат и потписите на двајцата пратеници на „Левица“.
Потоа до него пристигна понуда од координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, да се потпише на нова иницијатива за Барање за гласање доверба на Владата, на која не би биле потписите на „Левица“, а потоа сите тие заедно да изгласаат недоверба.
Редоследот би бил најпрво утре да биде повлечена првата иницијатива за доверба на Владата поднесена вчера со потписи од 61 пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Беса, Алијанса, Алтернатива и Левица, по што би се поднела нова, но сега има нов момент во кој Џафери вели дека тоа не е возможно според процедурите. Инаку, Реџепи ја прифати оваа иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ.
