ЗА ДЕВОЈКАТА КОЈА БЕШЕ ПРОНАЈДЕНА МРТВА ВО ТЕТОВО: Ќе има обдукција и распит на повеќе лица
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово вчера изврши увид на лице место на локацијата каде беше пронајдено безживотно тело на млада жена, како и во изнајмениот стан во кој таа престојувала, информираат од ОЈО.
„Се преземаат сите дејствија за испитување на причините за смртта со детални проверки и вештачења на местото, иако првичните сознанија и траги на лице место не упатуваат дека смртта е резултат на кривично дело. Сепак, наредена е обдукција, ќе се вршат распити на повеќе лица, а обвинителството и сите истражни органи интензивно постапуваат за испитување на причините“, велат од обвинителството.
Безживотно тело на младо женско лице синоќа беше најдено помеѓу зградите што се наоѓаат спроти Центарот за социјални работи во Тетово. Според првичните неофицијални информации, станува збор за девојка од Косово, која студирала во Тетово.
