ЗА БАНКАРИТЕ И ФОНДОВИТЕ НЕМА ЗИМА, ДРЖАВАТА СЕ ЗАДОЛЖУВА И ПЛАЌА ДОБРИ КАМАТИ - нови обврзници од 90 милиони евра
Ново државно задолжување на домашниот пазар. Вкупната сума на двете обврзници што се издадени и кои од денеска котираат на Македонската берза изнесува близу 90 милиони евра или прецизно 89,6 милиони.
Каматите зависат од рочноста односно годините на враќање кои Владата ги позајмува од домашните банки и фондови, кои, пак, се главни инвеститори во државните хартии од вредност.
Првиот тип на обврзници кои ги издаде државата се без девизна клаузула, а парите ќе треба да ги врати после две години, односно на истиот овој датум во 2026 година. Поради помалата рочност каматната стапка е на ниво од 3,85 отсто годишно.
Вториот тип на обврзниците е со подолга рочност, односно 15 години, и затоа кај нив каматната стапка е уште повисока, 5,6 отсто, што всушност подолг период наназад е каматна стапка која ја плаќа државата за овој тип на 15 годишни државни обврзници.
Н.Н.Ф.
