ЗА БАДНИК СЕ КРШИ ЛЕПЧЕ: Што треба да направите ако ви се падне паричката?
Се ближат големите христијански празници Бадник и Божиќ, а за Бадник во кругот на семејството се крши лепче со паричка и оној кому ќе му се падне паричката, се смета дека ќе биде најсреќен и ќе има бериќетна година. Во различни краеви во земјава луѓето практикуваат различни обичаи за тоа што треба да се направи со паричката.
„Секаде е различно. Основата е иста, но од еден до друг етнолошки регион има разлики. Секој си практикува како што мисли. Од фамилија до фамилија е различно. Некои паричката ја чуваат во вино, некој ја става во масло за јадење, и таа се чува до наредната година. Паричката ја чува членот од семејството на кој му се паднала. Од улица до улица има различни обичаи“, вели Томе Крстевски-виш кустос етнолог од Локален Музеј Галерија Кавадарци.
Дури има и случаеви кога луѓето во паричникот си ја чуваат паричката која им се паднала на Бадник. Паричката може да се стави на икона и да се чува со идниот Божиќ. Во некои области, паричката се лепи за таванот со малку тесто, за да остане во куќата и да ги заштити сите членови на семејството.
Верниците постат пред празникот и на Бадник на масата има само посни јадења.
„Секогаш придружните елементи на масата се исти. На посната трпеза задолжителна е посната сарма. Се готви грав, суви пиперки се ставаат внатре, а на масата има тиква, јаболка, ореви, костени, и сега во поново време портокали и други овошја. На масата има и риба. Се прави и варена пченица, а често во неа има и крстче направено од шеќер во прав. Црвено вино задолжително се става на трпезата. Ронките не се собираат вечерта, стојат на масата. Лепчето на десно се врти трипати и се крши. Така практикуваме и се кршат две половинки, па се дели, за Господ, за лозјето, за куќата, па потоа се почнува од најстариот до најмалиот член во домаќинството. Многу јадења, кои ни останале се од дамнина. Сите гледаме да бидеме со семејството за Бадник. Штом се стемни, нема гости, не одиме никаде, на телефон не разговараме додека не се завршат обредите. Сега гледаме дека веднаш објавуваат на социјалните мрежи кај кого се паднала паричката“, објаснува Крстевски.
Дел од граѓаните лепче со паричка кршат и за Василица. Во поново време, се случува и во работните колективи луѓето да кршат лепче со паричка.
Сања Атанасовска