За Андреј Ковачев одлуката за враќање на српскиот јазик во училиштата било провокација за Бугарија
Нова провокативна изјава од соседна Бугарија.
„Ако Зоран Заев го замени зборот српски со бугарски за учење во училиштата, ќе има земјотрес, иако за ниту еден друг јазик нема да има проблем“, во интервју за новинската агенција ФОКУС изјави европратеникот од ГЕРБ, Андреј Ковачев.
За намерата на македонските власти да изградат Српски културен центар, како и да го вратат изучувањето на српскиот јазик и култура на училиштата, Ковачев кажа дека е суверено право на секоја држава е да прави што сака.
„Не е во тоа што тие одлучија да го сторат, туку во фактот дека тие ги користат овие одлуки како провокација против Бугарија“, вели Ковачев.
Бугарија не дозволи Македонија да ги почне преговорите со Европската Унија. Нивното вето ја кочи земјава на патот кон ЕУ. За Албанија пак дадоа зелено светло за старт на преговори. Контроверзните изјави од бугарски политичари насочени кон Македонија не запираат.
Македонската влада посочи дека јавните настапи не треба да се користат за провоакции.
Враќањето на српскиот јазик во училиштата во Република Северна Македонија ги побива некои ставови дека се прекинати врските со Србија и Русија, изјави вицепремиерката и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, пренесува БГНЕС.
Таа потсети дека македонизмот сам по себе е геополитичка идеја создадена од Белград и Москва.
Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов вели дека во Македонија има многу повеќе Бугари отколку Срби. Тој спомена и конкретни бројки.
Каракачанов тврди дека овие Бугари се всушност членови на партии, заменици, министри, спонзори на бизниси, новинари, раководители на институции и служби.
„Зошто бугарското население не се признава кога таму има само 30,000 Срби, а 120,000 имаат бугарски пасоши и илјадници други кои чекаат да добијат пасоши?”, рече Каракачанов.
Со месеци наназад вакви изјави се упатени на сметка на Македонија.
