За американската амбасада настаните со Курти беа бескорисни, а Груби рече дека тоа е непотребен театар
Oд Амбасадата на САД во Скопје не сакаат да ја коментираат посетата на косовскиот премиер Албин Курти во Тетово и Чаир во петокот.
„Настаните ги видовме како бескорисни и ве упатуваме на коментар во Амбасадата на САД во Приштина“, велат оттаму.
За време на посетата во Тетово се вееја знамиња на „Голема Албанија“, гест кој го вознемири регионот и поради што полицијата ги повика на разговор градоначалниците на Чаир и Тетово, Висар Ганиу и Билал Касами. Против нив се поднесени прекршочни пријави.
Вицепремиерот Артан Груби вели дека градоначалниците продавале фолклоризам и провиден патриотизам на настаните каде не го истакнаа македонското знаме и не се интонираше македонската химна. Според Груби, Касами и Ганиу се обиделе да го злоупотребат косовскиот премиер Албин Курти. Вели дека тој театар кој се приредува е непотребен.
Со парична казна од 50.000 до 300.000 денари ќе се казни правното лице ако не ги употребува грбот и знамето на Македонија во согласност со законските одредби, додека со парична казна од 20.000 до 50.000 денари може да се казни и одговорното лице на органот на државната власт, единицата на локалната самоуправа, јавната установа, јавното претпријатие и јавната служба, што ја основа Републиката, односно единицата на локалната самоуправа.
