Вучиќ закажа седница на бирото за безбедносните служби по настаните во Македонија
Новоизбраниот српски претседател и актуелен премиер, Александар Вучиќ, апелираше до граѓаните на Македонија проблемите да ги решаваат на мирен начин, пренесува „Политика“. Тој порача дека инцидентите во Македонија се проблем за сите.
- Многу сум загрижен поради сите случувања, и единствената моја порака, која мислам дека луѓето во Македонија знаат оти доаѓа од нивен искрен пријател, е да ги замолам сите проблеми и несогласувања да ги решаваат на мирен начин. Ако имам право, да кажам дека смирувањето на ситуацијата сосема сигурно е во најголем интерес на Македонија и на нејзините граѓани, а сите други работи можат да се решаваат на преговарачка маса, на мирен начин, во мирна атмосфера. Ова што се случува во Македонија, не е само македонски проблем, туку проблем на сите нас кои живееме тука и подобро е веднаш да ги запреме сите проблеми и да обезбедиме мир и стабилност за нашите деца. Затоа ги молам сите во Македонија да ја разберат оваа порака како добронамерна и да сторат се, за да завладеат мирот и сигурноста за сите граѓани на Македонија - кажа Вучиќ, кој утре закажа итна седница на бирото за координација на безбедносните служби.
