Економија, финансии, бизнис

Контакт

Вучиќ, Заев и Рама онлајн го кроеја Балканскиот Шенген

Вучиќ, Заев и Рама онлајн го кроеја Балканскиот Шенген

Српскиот претседател Александар Вучиќ, албанскиот премиер Еди Рама како и Зоран Заев како премиер на Македонија одржаа онлајн средба денес во рамките на Балканскиот Шенген. 

 Според српските медиуми, тројцата лидери разговарале за натамошно проширување на соработката, со цел да се отстранат пречките за четирите темели на слободата - движење на луѓе, капитал, стоки и услуги помеѓу трите земји и регионот.

 Во ноември 2020 година, Вучиќ и Рама потпишаа договор што им овозможи на граѓаните на Србија и Албанија да влезат на територијата на двете земји со лична карта. За време на истиот состанок, лидерите на Албанија, Северна Македонија и Србија потпишаа меморандум за соработка во борбата против пандемијата. Според меморандумот, трите земји би споделувале информации за пандемијата.

На 29-ти јули лидерската тројка ќе се сретне во Скопје за да се потпишат договори кои произлегуваат од спроведувањето на обврските од Берлинскиот Самит, како што се договори за соработка и помош во случај на природни катастрофи, како и за олеснување на трговијата, извозот и увозот меѓу нашите земји.

„Нашите земји се дел од Европа и секогаш ќе бидат. На земјите од Западен Балкан им е потребна ЕУ колку што и се тие потребни на ЕУ.

Постојаниот неуспех на ЕУ да ги исполни своите ветувања и нејзината неможност да се движи напред со отворање на првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија, оди против европската волја на нашите земји и против интересите на самата ЕУ.

Нашата историја и нашата иднина се европски и живееме во регион опкружен со границите на Европската унија. Контекстот во кој се наоѓаме е предизвикувачки и истиот е предизвикан од предолгиот статус кво на Унијата vis-a-vis нашиот процес на интеграција во ЕУ. Сепак ние остануваме уште попосветени на нашиот пат кон ЕУ и на регионалната соработка.

Сакаме порано, отколку подоцна, да видиме дека четирите слободи на ЕУ - движење на луѓе, стоки, услуги и капитал - се спроведуваат низ целиот регион. И ние ќе сториме сè што е во наши раце да се движиме кон оваа цел преку моќта на нашиот пример. Во овој дух, ние ќе ја искажеме нашата целосна поддршка за регионалниот заеднички пазар на Самитот на Берлинскиот процес на 5 јули.

Знаеме дека само со заедничко работење и поттикнување на регионална соработка во рамките на разни регионални иницијативи - Заеднички регионален пазар, Регионален Шенген, Зелени коридори или во поширока смисла преку Берлинскиот процес - можеме да им донесеме опипливи резултати на нашите граѓани.

Како регион со приближно 18 милиони луѓе, можеме да ги зајакнеме нашите економии, да ја зголемиме благосостојбата на нашите луѓе и да донесеме големи инвестиции што инаку не би биле возможни доколку го правиме тоа поединечно“, се вели во заедничката изјава по средбата.

Слично

Поврзани вести