Втора шанса за пописот во Собранието
Денеска се отвора дебатата за законот за попис на собраниската комисија за европски прашања, откако пред еден месец под контроверзни услови беше закажана, но веднаш потоа беше одложена.
Пописот треба да се одржи во 2020, а пред два месеци предлог-законот помина на владина седница. Сега повторно е ставен на комисиска расправа откако пред еден месец претседателот на Комисијата за европски прашања Артан Груби ја закажа, па ја откажа седницата.
Причината за претходното одложување беше наводно тоа што немало претставник на Канцеларијата на ЕК во Скопје, но истиот ден претходно имаше и реакции од опозицијата.
ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека власта се обидува во брза собраниска процедура да го протне без јавна дебата и без да се земат во предвид забелешките на опозицијата.
Деветтиот Попис на населението, становите и домаќинствата ќе чини 8,5 милиони евра, а последниот беше одржан во 2002.
