ВТОР КРУГ И ВО ОХРИД: Гоце „вегета“ ги помати сметките на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ
И во Охрид ќе има втор круг. Идниот градски татко ќе се бира меѓу кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ освои над 47 отсто од гласовите, а Константин Георгиевски од СДСМ има 42 отсто. Сметките ги помати кандидатот од ТМРО, Гоце Цветковски -„вегета“, кој освои 1.376 гласови, или над 4 отсто.
„Уцени и закани, погрешни непостоечки избирачки локации, со непостоечки броеви на изборно место, 1363/1 во Охрид не успеавме да го лоцираме! И покрај сите овие сомнежи за нерегуларности во изборниот процес, успеавме да им замеме 10-15 отсто, што на национално ниво би биле околу 100.000 -120.000 луѓе, ако не и повеќе со ваша помош! Се гледаме на Парламентарни“, напиша Цветковски, по вчерашните објавени резултати
Цветковски го привлече вниманието на една од дебатите, кога во студиото на Телевизија 24, дојде облечен во маичка со 16-кракото сонце, додека како наметка носеше знаме со сонцето од Вергина. Цветковски донесе и вегета, која ја истури пред своите противкандидати, при што рече: „Да замезите со парите што ги лапате“.
