Кривична за газдата: Чаир и Јавното претпријатие за патишта ќе го уриваат објектот во Мавровка
Конечно е поднесена кривична пријава за бесправно подигнатиот објект кај Мавровка поранешна Фонтана.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека Единицата за економски и компјутерски криминал до надлежното јавно обвинителство поднела кривична пријава против М.А. (34) заради постоење на основано сомневање дека пријавениот е сторител на кривично дело „бесправно градење".
„Од страна на СВР Скопје- Единица за економски и компјутерски криминал во координација со ОЈО- Скопје беа преземени соодветни мерки и активности во насока на утврдување на постоење основи на сомнение за сторено кривично дело кое што се гони по службена должност по чл.244-а „Бесправно градење" од КЗ и по целосно документирање на случајот денеска до ОЈО- Скопје е поднесена соодветна кривична пријава, стои во соопштението од МВР.
Премиерот Зоран Заев дополнително на фејсбук објави дека Владата на Република Северна Македонија на својата прва седница одржана денеска донела одлука да му препорача на Управниот одбор на Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта да донесе одлука за ангажирање на потребна механизација, средства за работа и вработени, за уривање и демонтирање на бесправно изграден градежен објект што се наоѓа пред ТЦ Мавровка, без надоместок кон Општина Чаир, односно од сопствени средства.
„Во рамките на оваа одлука Владата им препорачува на Општина Чаир и Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта да ги регулираат меѓусебните права и обврски да склучат Договор за отстранување на бесправно изграден градежен објект, делови од објекти и бесправно поставени објекти.
По исполнување на обврските од договорот, Општина Чаир и Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патиша, во рок од 7 дена, се задолжени да подготват и до Владата на Република Северна Македонија да достават соодветна Информација за извршување на обврските од одлуката, напиша Заев.
