ВРЗ ЈОВАН И ВРЗ ПОА ВЕЌЕ НЕМА СУДСКО-ПОЛИЦИСКО НАСИЛСТВО - владиката Иринеј бачки повикува да се обнови дијалогот со МПЦ
Епископот бачки Иринеј изјави дека е неопходно да продолжи дијалогот меѓу СПЦ и МПЦ за надминување на отвореното црковно прашање.
Во интервју за српскиот неделник „Печат“ објавено на сајтот на Бачката епархија, епископот Иринеј, кој е духовен отец и еден од најблиските сoработници на српскиот патријарх Порфириј, вели дека актуелната општа состојба во С. Македонија и духовната потреба на верниците поттикнува и повикува на дијалог како единствено исправен начин за решавање на проблемот.
Тој посочува дека веќе нема, како што наведува, судско-полициско насилство врз владиката Јован, првиот архиереј на ПОА, врз нејзините свештеници, монаси и верници. Сепак, забележува дека сѐ уште не била спроведена одлуката на судот во Стразбур за регистрација на ПОА.
„Сметам дека без оглед на овие негативни нуспојави, општата атмосфера кај нашите јужни соседи, а пред сѐ неопходната духовна потреба овозможува продолжување на дијалогот меѓу нашата црква и црквата која е во раскол. И не само што го овозможува, туку нè охрабрува и не повикува на дијалог како единствен правилен и ефективен начин за надминување на овој повеќедецениски проблем. Единството на црквата и нејзиниот канонски поредок се најголемиот Божји дар за нас и, истовремено, најважната задача и подвиг“, вели епископот на СПЦ, Иринеј бачки.
Српската православна црква, претходно, преку викарот на патријархот Порфириј, епископот моравички Антониј, се закани дека е можен раскол со Вселенската патријаршија ако биде признаена автокефалноста на МПЦ-ОА.
СПЦ е во повеќедецениски спор со МПЦ-ОА, оспорувајќи ја нејзината афтокефалност. Разговорите што повремено се водат не доведоа до позитивен исход, поради што МПЦ-ОА за решавање на својот статус се обрати до Фанар и до вселенскиот патријарх Вартоломеј.
