Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Врвен филозоф и етичар со светски глас“: почина професорот Кирил Темков од Филозовскиот факултет во Скопје

„Врвен филозоф и етичар со светски глас“: почина професорот Кирил Темков од Филозовскиот факултет во Скопје

Почина истакнатиот професор по филозофија, етика и естетика Кирил Темков, на 82 годишна возраст, потврди семејството. 

Темков важеше за врвен филозоф и етичар со светско реноме, беше автор на голем број книги, учебници и научни дела од областа на филозофијата, етиката, менаџерството, уметноста, естетиката, џез музиката. Беше поборник за воведување на предметот Етика во училиштата. Според неговите учебници се изведува наставата по Етика во основните и во средните училишта кај нас.

На македонски јазик ги има преведено делата на најзначајните светски филозофи и етичари и со својата креативна и образовна активност има предавано на голем број светски универзитети.

Темков беше роден е во Кавадарци во 1943 година, во занаетчиско семејство, учел во Белград и во Скопје, дипломирал (1968) и докторирал филозофија (1982) на Универзитетот „Свети Кирил и Метоиј“ во Скопје.  Беше асистент, предавач, вонреден и редовен професор по Етика, Естетика, Филозофија на менаџерството, Филозофија на политиката, Еколошка етика, Биоетика, Менаџерска етика, Педагошка етика и Филозофија на образованието при Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје.

Автор е на бројни статии од областа на Филозофијата, Етиката, Естетиката (особено за уметничката фотографија, ликовната и драмската уметност, џезот) и Културологијата, како и на повеќе книги: „Основите на еден нов Универзитет“ (1975), „Панорама на естетичките идеи од втората половина на 20-тиот век“ (1981), „Отворен Универзитет“(1993).

Ги има преведено книгите: „Прагматизам“ од Вилијам Џејмс, „Критика на практичниот ум“ од Имануел Кант, „Научна расправа за методот“ од Рене Декарт, „За слободата“ од Џон Стјуарт Мил, како и книгите на Павао Вук-Павловиќ, Душан Недељковиќ, Лука Прошиќ, Миленко Пејовиќ.


Заминувањето на Темков потикна многу негови пријатели, но и некогашни студенти да се опростат од него на социјалните мрежи, каде споделија свои приказни за добрината и величината на нашиот професор. 

- Универзитетскиот професор во пензија Кирил Темков во 2016 година донираше две илјади книги од својата лична библиотека, на градската библиотека "Феткин"во Кавадарци. Притоа, не ги криеше своите емоции - стои во една од објавите.



Посебен поздрав до Темков напиша и Зоран Крстевски кој укажа дека Темков бил негов ментор кој остави голема трага со својата просветителска дејност и со непоколебливата решеност за воведување на Етиката во основното и средно образование.

- Врвен филозоф и етичар со светски глас, тој е автор на голем број книги, учебници и научни дела од областа на филозофијата, етиката, менаџерството, уметноста, естетиката, џез музиката итн. На македонски јазик ги има преведено делата на најзначајните светски филозофи и етичари и со својата креативна и образовна активност има предавано на голем број светски универзитети. Ќе го помниме по својата професионална посветеност, непосредност, врвна ораторска умешност во пренесувањето на знаењето и менторската поддршка за создавање успешни и значајни научни дела - напиша Крстевски


Слично

Поврзани вести