ВРИЕ ВО КОМУНАЛНА ХИГИЕНА - Скопје ќе се дави во ѓубре следниве денови, Мазнева добивала закани по живот, работници обвинуваат за мобинг
Главниот град на земјава во следниве денови ќе биде навистина нечист. Денеска и во наредните денови отпадоците од улиците нема да се собираат.
Причина е протестот на група вработени во Комунална хигиена кои во петокот пред полноќ прекинаа со работа. Се жалат на отпуштањето на голем број вработени и деградации од страна на актуелните раководители на претпријатието.
„Барањата беа да се зголемат платите, да ни се платат патните трошоци и храна и да се подобрат условите за работа, од камиони до корпи за отпад, немаме услови. Директорката вчера попладне донесе одлука пред крајот на работното време, го избрка синдикалниот од работа и многу други колеги, првиот човек на синдикатот на Комунална хигиена Дели Дардишта, кој е вработен 35 години и е прв човек на синдикатот на Комунална хигиена“, изјави Реџеп Мифтари, работник во Комунална хигиена.
„Ни се закануваат како да сме затвореници овде, отпушта луѓе без воопшто да ги праша, таква диктатура нема ни во затворите“, нагласи Вработени во Комунална хигиена.
„Овде сме без сон од синоќа. Ни вели – излезете на работа, собирајте отпадоци оти за тоа си вработен, однесување кое според мене е улично однесување. Нè обвинува, нè омаловажува, ни се заканува, вие не ги браните вашите интереси, туку на други. Ако не отидете на работа денеска, не доаѓајте во понеделник бидејќи ќе се јавам во администрација и ќе донесам одлука да ве отпуштам“, нагласи Садат Какруки, вработен во Комунална хигиена.
„Јас сум еден од оние кои 10 години се вработени тука во Комунална хигиена и ми даде отказ, значи еден од нив, односно веќе 10 години сум без решение“, рече Фуат Шаќири, вработен во Комунална хигиена.
Но, директорката Мазнева тврди дека во претпријатието се создаваат вештачки политички проблеми. Во однос на отпуштањата, таа тврди дека го користи правото да воспостави ред. Дури и во полиција пријавила дел од вработените.
Откако снимката се појави во јавноста, Мазнева итно закажа прес конференција. Пред новинарите изјави дека работата на претпријатието ја блокираат луѓе кои што повеќе од 15 години фиругирале на списокот на вработени, но не оделе на работа. Тука биле само партиски ангажирани, па со нивните постапки нанесуваат штета на самото претпријатие, но и нивните колеги.
„Овие лица кои што денеска ја блокираат работата на ЈП Комунална хигиена Скопје, голем дел од нив воопшто не се членови на синдикатот, а во најголем дел не се ниту вработени во претпријатието. Тие се тука како дел од партиската логистика која има за цел да проектира сила, да уценува и само да се заканува. Наводната причина поради која што овие лица го попречуваат работењето на претпријатието е издадената наредба од моја страна за сменско работење според која што на секој вработен му се предвидува работа во смени согласно законските норми и барањата од страна на синдикати. Она што е предвиденно во наредбата е дека сите работници по принцип на ротација ќе работат во сите три смени“, рече таа.
Таа вели дека поголема група на луѓе исклучиво работела во трета смена, што било спротивно на законската пракса. Причината била да добиваат поголема плата и бенифиции за ноќна работа. Според, Мазнева токму тие ја блокираат работата на претпријатието, а дел од нив не доаѓале на работа, иако биле запишувани дека работеле.
Директорката вели дека целта е да стави ред во работата на претпријатието, а во тоа како што додава никој нема да ја спречи.
„Нема да дозволам Комунална хигиена Скопје, како и сите граѓани во Градот Скопје да бидат заложници на овие политички насилници. Исто така морам да напоименам дека сите закани кои што се однесуваат на мојот живот и животот на останатите вработени се уредно пријавени во МВР и очекувам брза реакција“, додава Косана Мазнева.
Косана Мазнева раководи со Комунална хигиена од јули 2022 година. На оваа функција таа го замени Зуди Кока, кого градоначалничката Данела Арсовска го разреши од функцијата по инцидентот на плоштадот Скендербег. Протести во Комунална хигиена имаше и во ноември 2022 година откако Мазнева не им ги продолжи договорите за работа на 112 лица.
