„ВРИЕ“ ОД ПОЛИЦИЈА ВО СКОПЈЕ: Сообраќајци има насекаде во главниот град
Скопје денес е преполно со сообраќајна полиција. Акцијата почна уште синоќа, и според пишувањето на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, фокусот е на булеварите, што денес лесно можеше да се констатира, бидејќи немаше булевар во главниот град каде немаше сообраќајна полиција.
Се запираа сите што непрописно возеа и се вршеа контроли.
Синоќа, Тошковски рече дека МВР ќе преземе голем број дејствија и дека ќе се делува максимално превентивно на дејствијата што можат да се преземат од страна на полицијата.
– Упатувам апел до сите учесници во сообраќајот, особено до возачите, да бидат внимателни, да ги почитуваат доследно сообраќајните правила, да не управуваат возила надвор од дозволената брзина, да не поминуваат на црвено, да не забрзуваат на жолто, да не управуваат возила под дејство на алкохол, бидејќи највредното нешто што го имаме во државата се луѓето, односно човечкиот живот - напиша Тошковски синоќа на фејсбук. стои во објавата.
Статистиката на полицијата покажува дека најголем број сообраќајни прекршоци се со возење со брзина поголема од дозволената.
Како што најави тој, МВР интензивно работи на имплементација на проектот „Безбеден град“, кој нагласи дека ќе прерасне во „Безбедна држава“.
– Овој проект апсолутно ќе помогне во зачувување на човечките животи и во зголемување и имплементирање на сообраќајна култура која ни е потребна. Сигурен сум дека во иднина со макотрпна работа, реализација на планираните проекти и усогласување на законската регулатива ќе имаме значително помали бројки на жртви од сообраќајни незгоди, напиша Тошковски.
