ВРЕМЕНСКА ПРОГНОЗА: Нагла промена на времето во првите денови од 2019
Првиот ден од новата 2019-та година ќе помине во претежно суво, и стабилно време.
По ведрото утро денеска, од утре доаѓа студен бран од север, кој значајно ќе ја намали температурата на воздухот.
Но, тоа нема да биде единствената промена. Овој фронт ќе услови и формирање на центар на низок притисок, кој пак ќе допринесе за транспорт на влага од Медитеранот кон нас, а со тоа ќе ги имаме сите потребни состојки од рецептот за снег, информира сајтот за метеорологија метеопро.
Врнежите од снег ќе започнат в среда навечер, а ќе бидат позначајни во западниот регион, но сепак нема да траат многу долго.
Веќе од четврток на пладне многу бргу ќе се премести во областа на источниот Медитеран, а со тоа каj нас само ќе нафрла облачност која нема да ја има таа “потентност“ за посериозни врнежи.
Се што ќе остане од овој северен продор се доста ниските температури. Минималната вредност на температурата в четврток ќе биде во дијапазонот од -8°С до -5°С, а веќе в петок помеѓу -10°С и -5°С низ котлините, и околу -12°С на повисоките места.
Во добар дел од поголемите населени места температурата преку ден од четврток, па се до сабота ќе има максимална вредност околу 0°.Среда и четврток ќе бидат и поветровити, со умерен ветер на пониските, и засилен ветер на повисоките места. Ова само дополнително ќе влијае на субјективното чувство за температурата.