Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВРЕМЕ КОГА СЕ ЗАПИШУВА СЕМЕСТАР, НО И КОГА СТУДЕНТИТЕ СИ ГИ ЗЕМААТ ДОКУМЕНТИТЕ: Причината е аплицирње во странство

ВРЕМЕ КОГА СЕ ЗАПИШУВА СЕМЕСТАР, НО И КОГА СТУДЕНТИТЕ СИ ГИ ЗЕМААТ ДОКУМЕНТИТЕ: Причината е аплицирње во странство

Во тек е испитна сесија на факултетите и период кога се запишува летниот семестар. Но, не сите подготвуваат испити или пак се спремаат да го слушаат наредниот студентски семестар. Воопшто не е занемарлив бројот на оние студенти кои се отпишуваат од некој од факултетите со намера да аплицираат на некој од странските универзитети. Ова за Фактор го потврдија и дел од службите за студентски прашања, пред се од техничките факултети.

-Само во текот на вчерашниот ден од факултетот се отпишаа десеттина студенти. Се пополнува еден образец со такса од 50 денари, на факултетската сметка се уплаќа 1.000 денари, се зема и потврда од библиотеката дека студентот не должи книги и се приложува индексот. Во молбата за испис, студентите како причина навдоа аплицирање на факултет во странство. Ова се случува поинтензивно последниве неколку години, за жал. Ваквата појава ни укажува на фактот дека не само голем процент од матурантите заминуваат да се едуцираат надвор од Македонија. На додипломски студии се запишуваат и веќе тука запишани студенти во првиот уписен рок, а се отпишуваат сега, кога треба да запишат летен семестар, велат од службите за студентски прашања на факултетите при УКИМ.

Оттаму за Фактор не ги наведоа причините поради кои студентите носат поинаква одлука, но во разговор за Фактор, нашите идни академски граѓани, велат дека одат во странство поради подобра перспектива.

-Не доценев лани да аплицирам во странство. Прво сакав тука да завршам во Скопје додипломски студии, па потоа да изберам некоја од мастер програмите кои се нудат на европските универзитети. Сепак, сега ја променив мојата одлука. Лично ценам дека ќе се стекнам со поквалитетна наобразба и дека ќе бидам многу поконкурентен со диплома од универзитет кој е високорангиран на Шангајската листа кога ќе аплицирам за мастер програма. Тоа секако ги зголемува и шансите за полесно вработување. Свесен сум дека една година ми е жртвувана, ќе трреба да почнам од почеток од прва година, бидејќи не правам трансфер, но имам само 19 години, така што ништо не е загубено, вели Димитар Г.

-Јас бев решена уште веднаш по завршување на средното училиште да заминам, но морам да признаам дека родителите малку ме разубедија, сакајќи да останам тука. Студиите одлично ми одат, веќе положив три колоквиуми, но мојата перспектива дефинитивно ја гледам надвор од Македонија. Одлично зборувам англиски, германски и шпански. За првите два имам и официјални сертификати, шпански ќе полагам во март. Сега си ги земав документите и веќе го дополнувам CV-то, и се што е потребно за аплицирање во странство. Можностите за нас младите се далеку поголеми, вели Елена. Н

Според социолозите и демографите, иселувањето од Македонија кое првично е поттикнато од желбата за поквалитетно образование, станува трајно особено поради фактот што се работи за млади луѓе од 18, 19 и 20 години, кои во странство се градат како професионалци, влегуваат во сериозен работен однос, имаат одлични примања, и секако дружењето, социјалниот момент кој придонесува за цврсти љубовни врски по што и не размислуваат веќе за враќање назад.

Анита Буховски

ФОТО: МИА

Слично

Поврзани вести