„ВРАПЧИЊАТА НЕ ИМ ЈАВИЛЕ ДЕКА СО ДРИСЛА РАКОВОДИ ДРУГАР НА МИЦКОСКИ“: остра реакција од јавното претпријатие на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ
Бидејќи очајното ВМРО ДПМНЕ на чело со Мицкоски, разузнавачки информации изјавува дека добива од врапчиња, истите тие врапчиња не им јавиле дека конкретно со Дрисла раководи другар на Мицкоски.
Дрисла, ѓубрето во Скопје и состојбата во Дрисла е резултат на неспособноста на Христијан Мицкоски и неговите другари од факултет.
Ова го пишува денеска во соопштение испратено од Јавното претпријатие „Дрисла“ до медиумите.
- Граѓаните на Скопје не се виновни за хаосот што го прави другарот на Мицкоски од Машински факултет со кој двајцата се таму професори, господинот Даме Димитровски кој е претседател на управниот одбор на Дрисла и Скопје не смее да биде заложник на Мицкоски и коалицијата ВМРО-ВЛЕН.
Време е да се стави крај на црните сценарија, фабрикуваните кризи и штетни сценарија за граѓаните на Скопје од страна на коалицијата Мицкоски-ВМРО-ВЛЕН, кои само на Мицкоски му одговараат.
Овој очајно неспособен политичар единствен начин да дефокусира од тоа што 4 години над 500 лица од ВМРО и ВЛЕН раководат со управните и надзорните одбори на претпријатијата и креираат хаос, е сега тој хаос да се обиде да го префрли врз друг - се додава во соопштението.
Потоа укажуваат дека граѓаните на Скопје не смеат да бидат заложници на Мицкоски и неспособните кадри од ВМРО.
- ВМРО треба да знаат, граѓаните не се наивни, граѓаните знаат кој ветува, а кој исполнува. ВМРО-ДПМНЕ немал јасна визија, план и цел, во изминатите 4 години како власт во Советот на Град Скопје и јавните претпријатија како да реши ниту еден проблем, само тераа инает.
ВМРО и Мицкоски да биле способни да го решат овој проблемот со депониите за граѓаните конечно да го добијат она што го заслужуваат, како власт во Советот и претпријатијата во Скопје до сега имаа можност да го направат тоа.
ВМРО-ДПМНЕ и Орце Ѓорѓиевски имаат сеопфатна стратегија како да ви ги упропастат следните 4 години од живот во Скопје и нема да видите ништо од почиста животна средина, почист воздух и поквалитетен живот - се потенцира на крајот од соопштението.
Реакцијата од ЈП Дрисла доаѓа по вчерашното соопштение на владејачката ВМРО - ДПМНЕ, во која тие обвинуваат дека со ова јавно претпријатие раководи ДУИ.
- На сите им е јасно кој раководи со јавните претпријатија во град Скопје. Дури и врапчињата знаат дека конкретно со Дрисла раководи ДУИ.
Дрисла, ѓубрето во Скопје и состојбата во Дрисла е резултат на неспособноста на Данела Арсовска и нејзините другари од ДУИ. Граѓаните на Скопје не се виновни за хаосот што го прави Арсовска и Скопје не смее да биде заложник на Арсовска и коалицијата СДС-ДУИ-Левица - пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, дојдено е време да се стави крај на црните сценарија, фабрикуваните кризи и штетни сценарија за граѓаните на Скопје од страна на коалицијата Арсовска-ДУИ-Левица. - Граѓаните на Скопје не смеат да бидат заложници на Арсовска и неспособните кадри од ДУИ. СДС треба да знаат, граѓаните не се наивни, граѓаните знаат кој ветува а кој исполнува. ВМРО-ДПМНЕ има јасна визија, план и цел, ќе го решат овој проблемот со депониите за граѓаните конечно да го добијат она што го заслужуваат, а тоа е почиста животна средина, почист воздух и намалување на бројот на дивите депонии. ВМРО-ДПМНЕ и Орце Ѓорѓиевски имаат сеопфатна стратегија за почиста животна средина, почист воздух и поквалитетен живот на граѓаните - заклучуваат на крајот од соопштението од ВМРО - ДПМНЕ. Фото: Архива/МИА
